Како Ковид-19 ги менува животите на жените

Бремена, со две деца помали од 6 години, Ана Ксавиер неодамна беше под толкав голем стрес поради справувањето со работните и домашните обврски, што се закани дека ќе се отсели од семејниот дом и ќе си најде сопствен стан. „Сега сум во 33та недела, огромна сум и мртва уморна – домашните работи ми се вистинска борба,“ вели претприемачката која се откажала од корпоративната кариера во козметички бренд за да започна бизниз за бебешка опрема во Стокхолм пред една година.

Откако пандемијата се појави во нордиските земји, сопругот на Ксавиер, кој работи за компанија што произведува заштитна опрема, ì се приклучил во работењето од дома. Двојката исто така ги отпишала децата од дневните центри (кои во голема мера останаа отворени во Шведска) на неколку месеци, бидејќи биле загрижени како коронавириусот би можел да влијае на бремените мајки, пишува BBC.

Но ситуацијата создадала „огромни количини фрустрација“ кога Ксавиер, која ги дели сметките за домаќинството со нејзиниот партнер, ја презела одговорноста за грижата за децата, готвењето и чистењето, додека тој поголемиот дел од времето го минувал на видео состаноци. „Се договоривме дека неговата работа е приоритет бидејќи ì помагаше на шведската влада и болници да добијат опрема што може да спаси животи,“ објаснува таа. Дома, „неговата работа на крајот на денот беше да ги стави садовите во машина и такви работи, што не ги правеше,“ додава Ксавиер.

Оттогаш, двајцата одлучиле да ги вратат децата во дневниот центар и најмиле чистачка за да одбегнат дополнителни кавги. Но поради тоа што била главниот старател за време на пикот на пандемијата, 44-годишната Ксавиер не успеала да ги постигне сите зацртани цели за сопствениот бизнис. „Не бев во можност да му посветам време… Сè уште чувствувам дека сум малку под притисок бидејќи сакав да сработам што повеќе можам пред да пристигне бебето,“ вели таа.

Неплатена работа дома

На почетокот на пандемијата имаше голема надеж дека глобалната промена кон работа од дома може да значи дека грижата за децата и домашните обврски ќе бидат поделени на поеднаков начин меѓу партнерите. Но голем број студии за живтотот на вработените родители за време на Ковид-19 покажуваат дека исксуството на Ксавиер не е единствено: непропорционално голем дел од товарот сè уше паѓа врз жената.

Истражувачи од Bolton Consulting Group кои анкетирале повеќе од 3000 луѓе во САД и Европа откриле дека во моментов жените кои работат во просек поминуваат околу 15 часа неделно повеќе од мажите на неплатена домашна работа. Во Австралија, прелиминарните резултати на анкетата спроведена од Универзитетот во Мелбурн посочуваат дека во домаќинствата кадешто има деца, родителите посветуваат 6 саати повеќе дневно на нега и грижа, додека жените заземаат повеќе од две третини од овие 6 часа екстра време.

Оваа шема се повторува без разлика на приходите. Истражувања спроведени од научници од универзитетите во Оксфор, Кембриџ и Цирих во Март и Април, покажуваат дека жените кои работат во Велика Британија, Германија и САД посветуваат повеќе време на грижа на децата и на домашна настава без разлика на платите, во споредба со мажите со слични примања. Разликата се зголемила кај двојки каде мажите работеле надвор од дома за време на пандемијата.

Такво искуство имала Тина Рехана, 28-годишна професорка по танц од Манчестер. Нејзиниот партнер не е во можност да работи од дома, така што таа е главниот старател на нејзините две деца за време на целата пандемија на Ковид-19.

„Буквално не можам да направам ништо кога се двете тука 24/7… Се обидов да оддржам приватен час на Zoom, а децата само трчаа наоколу и се караа,“ вели таа. „Немам апсолутно никаков приход од моешто училиште за танц бидејќи едноставно е невозможно.“

„Семејните системи се уназадуваат“

Иако карантинските правила се олабавуваат низ целиот свет, голем број учесници во кампањи веруваат дека ќе има долгорочно влијание на работата на жените и нивните животи дома како резултат на коронавирусот. Скорашно истражување на Обединетите Нации дури и предупредува дека пандемијата може да ги врати назад придобивките од борбата за правата за родова еднаквост која трае со децении.

„Ковид-19 има потенцијал да направи катастрофа во поглед на еднаквоста,“ Каролин Вајли се согласува, извршен директор на британската консултанската фирма Шајн, која работи на подобрување на родовата рамнотежа во компании. Таа верува дека „семејните системи се уназадуваат“ кон потрадиционални норми поради затворањето на училиштата, дневните центри и летните кампови. „Способноста на многу двојки во кои двајцата заработуваат да продолжат да работат бидејќи некој друг се грижи за нивните деца се распаѓа,“ вели таа.

Вајли вели дека жените се „почесто тие кои се откажуваат од нивните работни места“ поради тоа што имаат пониски плати и пониски очекувања за платите. Во ЕУ, жените во просек заработуваат 16% помалку на саат од мажите, додека таа цифра во САД е 18%, а во Јужна Азија, Африка или Блискиот Исток процентот се искачува уште повеќе, покажуваат податоците на Светскиот Економски Форум. Шансите се исто така поголеми кај жените дека ќе се одлучат да работат со пола работно време, што пак вообичаено се должи на постоечката грижа за децата или други семејни обврски, што, вели Вајли, исто така придонесува во одлуките на голем број двојки, мајките наместо татковците да се откажат од работните обврски за време на пандемијата на Ковид-19.

Други познавачи на индустријата истакнуваат дека дури и жените кои работат со полно работно време и заработуваат многу, кои исто така ги одржуваат кариерите за време на пандемијата, голем дел од нив сè повеќе и повеќе заклучуваат дека балансирањето на домашните и работните обврски е неодржливо. „Тоа е тренд што го гледаме сега, не пред три месеци“, посочува Алисон Зимерман, извршен директор за Каталист, непрофитна организација лоцирана во Цирих која работи на подобрување на работните места на жени. „Еден голем клиент сподели со нас дека гледа жени на повисоки позиции и подолг стаж како си заминуваат бидејќи едноставно веќе не можат да го прават тоа… Слушам дека сè повеќе жени ќе почнат да работат со пола работно време.“

Зимерман работи со бизниси во Европа, Блискиот Исток и Африка, и верува дека шемата исплива на површина во исто време со глобалното согледување дека Ковид-19 најверојатно ќе ни ги поремети животите барем уште една година, освен ако вакцина не стане широко достапна. „Тоа се случува бидејќи пандемијата ќе продолжи – најверјатно – и нема брз лек за неа.“ Таа посочува дека сепак се анализираат мал број меѓународни компаративни податоци. Но, нејзините заклучоци од светот на бизнисот веќе се случуваат во други полиња.

Во Април, Елизабет Ханон, заменик уредник на Британскиот весник за филозофија на науката, предизвика реакции кога постави твит каде вели дека жените поднесуваат помалку статии за време на кризата со коронавирус. „Ако нееднаквостите што ги засведочивме во однос на поднесувањето написи во весникот не е само статистичка девијација, тогаш очигледниот заклучок е дека жените го извлекуваат подебелиот стап во овие нарушувања,“ неодамна изјави таа за The New Republic. Меган Фредериксон, еколог на Универзитетот во Торонто, подоцна анализираше податоци од научни објави и потврди дека постои пад во женската продуктивност во споредба со Март и Април минатата година.

Постоечки нееднаквости

Многу жени, во меѓувреме, престанаа да работат, но не по нивна вина. Бидејќи тие се презастапени во несигурни сектори што беа најсилно погодени од пандемијата, како што се хотелиерството, салони за убавина, малопродажба и туризам, жените работнички постојано ги губеа работните места или беа испраќани на неплатено отсуство многу повеќе од мажите.

Во САД, 11,5 милиони жени ги загубија своите работни места помеѓу Февруари и Мај, во споредба со 9 милиони мажи, истакнува истражувањето спроведено од Истражувачкиот центар Пју. Извештај од Институтот за фискални студии покажува дека британските мајки имаат 23% повеќе шанси отколку татковците да станат привремено или трајно невработени за време на пандемијата.

За некои жени, коронавирусот влоши и некои други структурни нееднаквости поврзани со фактори како што се етничка припадност, класа или попреченост. Институтот открил дека на пример црните Британци имаат најмалку шанси од сите останати етнички групи да добијат работа што ќе можат да ја работат од дома, што пак е еден можен фактор што придонел кон зголемениот ризик од фаќање и умирање од Ковид-19 помеѓу припадниците на оваа заедница. Луѓето помлади од 25, смаохраните родители и тие со пониско ниво на образование ризикуваат да работат за сектори што беа затворени за време на карантинот во Британија.

„Преморена сум,“ вели 25-годишната Шармика Докери, самохрана мајка која живее во Лондон со нејзиниот седумгодишен син. Откако секој работен ден го поминува во учење дома со нејзиното дете, таа работи околу 3 саати навечер на нејзината стартап фирма која развива комунални проекти за родители со деца со попреченост. „Пред Ковид аплицирав и пичирав за инвестиции и работев на моето социјално претпријатие за време на денот кога син ми беше во училиште,“ објаснува таа. „Беше вистинска борба да се обидам да го подигнам бизнисот на следното ниво додека сè се затвора.“

Различни иницијативи и кампањи исто така ги истакнуваат дополнителните предизвици за жените кои се на породилно отсуство за време на кризата. Самовработените мајки на пример исто така се во незавидна ситуација бидејќи пакетите за финансиска помош за самовработени работници често зависат од просечниот профит во текот на неколку години, без да се пресметува периодот на породилното отсуство. Новите мајки кои сакаат да се вратат на работа се афектирани од недостатокот на јаснотија за мерките што предвидуваат детска грижа, па во земји како што се Австралија, Ирска и Велика Британија се потпишуваат петиции за да се продолжи периодот на родителско отсуство што го покрива државата.

Вајли дури и предупредува дека животните заштеди на некои жени никогаш нема да се опорават поради одолговлечената криза со коронавирус. „Ако ја ставите кариерата на пауза или сте на задолжително отсуство, вашите вештини можат да застарат. Како и вашите контакти, што значи дека ќе биде потешко да се вратите таму кадешто сте застанале,“ потенцира таа. „Ако сте станале вишок и се соочувате со невработеност, истражувањата покажуваат дека е многу потешко да се вратите во бизнисот ако сте немале работа подолго од два месеци.“ На овој податок додатете го и фактот дека жените почнуваат да искусуваат дискриминација по однос на возраста во раните 40ти, вели Вајли, и додава: „сево ова е комбинација на совршена бура што ќе ја врати назад еднаквоста на жената“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -