Како да се справиме со последиците од животот со коронавирус

Деспина Стојановска e психолог – системски и семеен психотерапевт, професионален обучувач на возрасни. Работи на повеќе проекти, со различни целни групи на индивидуална, брачна, семејна или групна психотерапија. Ужива во улогата на обучувач, тренер и фасцилитатор на тимови или компании, што и претставува вистинско задоволство. Слободното време го минува најчесто во друштво на драги луѓе, пред сѐ семејството, а времето кое си го давам само за себе е исполнето со музика, книга, прошетка во природа и долгочасовно возење велосипед, За неа, умереноста е вистинска мерка, па затоа се труди да прави многу различни нешта, но без претерување.

Поврзано:

Навиките и рутините се дел од нашето постоење и функционирање. Секојдневно повторуваме активности за кои и самите не сме свесни дека се дел од нас. Целата философија на нивното значење ни се појавува пред очи кога сме фрустрирани во нивната реализацијата. Тогаш, стануваме свесни за нивното присуство и за тоа колку го поедноставувале живеењето. Вонредноста на условите низ кои сега минуваме, повеќе или помалку нѐ потсетуваат на комплексноста на едноставното. Спречени да ги спроведеме плановите, да споделиме лично некоја емоција, да ги почувствуваме контактот, допирот и мирисот, , само-изолацијата/ненајавената промена на начинот на живот/специфичноста на ситуацијата нѐ поттикнува непрестајно да бараме алтернативен начин да бидеме тоа што сме.

Голем дел од нас се во добар сооднос со своите адаптиптибилни снаги, лесно им успева да се прилагодат дури и кога сѐ е навидум изменето. Потпирајќи се цврсто на себе и своите способности, имаат силна верба дека ќе биде добро и повторно ќе продолжиме како што сме навикнале. Но, исто така голем дел од нас, чувствувајќи како планина да носат на плеќи со оваа промена, ранливи и исплашени, соочени се со оние непосакувани доживувања на немир, паника, анксиозност, чувство на безизлесност и сл. Или пак, носиме искуство за двете состојби во себе, на мир и немир кои наизменично си ја делат сцената.

Одговорот барајте го во себе

Контактот со себе може да ни даде одговор на многу нејасни прашања. Сите стравови или анксиозности имаат свои корени кои сега ја покажуваат својата моќ. Иако не е едноставно да бараме нивно објаснување во овие услови, сепак корисно е да знаеме што е тоа што ни прави толкав немир. Можеби минатите искуства со болест, преселба, изолираност нѐ потсетуваат дека е  тешко да се справиме со таквиот предизвик, но сепак тие искуства може да бидат и добредојдени ако ги искористиме како патоказ во справувањето. Би ни било од полза да откриеме што е тоа што може да ни даде сила безбедно да ја надминеме оваа сага и да останеме во сопственото победничко сценарио.

Преку интернет можностите, добро е да останеме во контакт со блиските, пријателите, колегите и тоа редовно да го практивуваме. Големата изложеност на бура од информации поврзани со состојбата најчесто контрадикторно влијае на нашето ментално здравје, па токму поради тоа препорачливо е да се прави селекција на информациите што ги примаме и истите да бидат во количина која нема да нѐ преплави.

Не одолговлекувајте повеќе и структуирајте го времето

Спроведување на активностите кои долго време сме ги одложувале е еден од начините како да се чувствуваме добро со самите себе. Непрочитани книги, неуредени полици, недовршен документ, се само некои од работите кои ги одложуваме, а истовремено ни одземаат голем дел од енергијата. Можеби најважна е помислата дека целата планета е обвиена во истата боја.  Целото човештво се бори со мислата како да останеме сите безбедни и здрави. Не сме сами. Со ова не поентирам само кон нормализација на внатрешното доживување, туку кон придружување и мисла дека сите со истото се соочуваме и сите истото нѐ засега.

Често ми го поставуваат и прашањето: што да правам, како да си помогнам? Иако не постои универзален одговор кој ќе биде лековит за сите, сепак тоа што секој може да го направи е да се потруди, колку повеќе може, да ги задржи рутините кои претходно ги воспоставил. Се разбира нивното изведување ќе биде во изменети услови, но не и невозможно.

Одржувањето пак, на професионалните ангажмани, исто така може да ни даде сигурност во оваа состојба. Луѓето кои умеат да пливаат во немирни води низ својата кариера, сега имаат предизвик кој ќе ги активира токму нивните способности и вештини за справување со големи бранови. Добар распоред  за спроведување на работните задолженија во домашни услови би бил од голема полза. Структурирање на денот во приватно и професионално време ќе помогне во воспоставување на границите и со самите себе, но и со другите членови на семејството.

Грижата за себе е грижа за заедницата

Да не заборавиме, потребно е да се грижиме за заедништвото во кое припаѓаме, но имаме должност да ја негуваме и сопствената индивидуалност. Препорачувам секој да си креира свое пријатно катче во домот, каде со задоволство ќе минува време.

За крај, сакам да напоменам дека секој од нас може да се справи со себе во овие услови, сите ја имаме таа моќ. Техниките за дишење и намалување на анксиозноста се добредојдени, долгите разговори со драги луѓе, прошетките низ добра книга, патувањата со добар филм, се само дел од решенијата кои може да ни дадат мир.

Но, не  треба да ја запоставиме и физичката активност која ќе го покрене целиот организам кон ведрина и спремност за секаква борба. Сепак, ако некој забележи дека не се чувствува добро и покрај целиот труд кој го вложува за  да се справи со немирот, препорачувам да поразговара со стручно лице и да направи индивидуален план за надминување на тешкотијата.



поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -