Како да се справиме со недостатокот на мотивација

„Како поттикнувате чувство на радост во време кога нема радост?“

Некој неодамна ми го постави ова прашање. Тукушто се вклучив во група за деловно вмрежување и ги споделував моите чувства на исцрпеност, борба со Ковид-19 и осаменост, а зборував и за тоа како ми недостасуваат прегратки и дека имам тешкотии да си ја најдам оригиналната работна искра, пишува Ејми Стантон за бизнис порталот Minutes, основач и извршен директор на Stanton & Company и ко-автор на „Феминистичката револуција“.

Тогаш се појави прашањето за тоа како можам да преземам нешто што ќе ми донесе радост. Одговорот што ми дојде на памет се состоеше во мојата огромна желба да се качам на авион следниот ден, да одам во Париз и да го откријам градот. Но не Париз за време на Ковид, туку вистинскиот град, онаков каков што беше пред појавата на пандемијата. „Тоа би ми донело радост,“ си помислив во себе (и всушност ги споделив овие размислувања со групата).

Но тоа е фантазија. И тоа не може да се оствари во моментов.

Така што, што друго можам да направам? Што друго би ми донело радост?

Минатата година беше тежок период за сите. И ќе ни биде потребно време повторно да го откриеме нештото што ни носи радост и возбуда. Секако дека пронајдов радост во онлајн часовите по фитнес или во долгите телефонски разговори со моите пријатели.

Но, се` на се`, овие денови не можам да набројам многу работи што би ми предизвикале радост. Секако не ист степен на радост како што е патувањето или истражувањето странски градови, што редовно го правев во минатото.

Но има и зошто тоа е во ред, и зошто оваа година не треба да се трудиме премногу за да направиме големи чекори напред, и наместо тоа би требало да одвоиме време и да го прифатиме фактот дека помина една исклучително тешка година за сите нас.

Ако се чувствувате дека сте стасале до ќор сокак, не грижете се, повеќето од нас се чувствуваат така

Ја пишувам оваа статија, потенцира Стантон, бидејќи она што имам најголема потреба да го читам во моментов се добри причини зошто е во ред да се чувствуваме на некој начин безнадежни и отцепени од животните радости. (Имајте на ум дека по природа сум оптимист и дека ова што го пишувам е реално и искрено).

Голем дел од 2020 год го поминавме во справување и приспособување со сите начини на кои светот се смени, па се прашувам дали си дозволивме самите на себе секунда да земеме воздух. Ипокрај фактот што повеќето од нас беа сами дома по цели денови, иронично, речиси и не успеавме да најеме време да почувствуваме колку тежок ни стана животот, колку се тажни работите околу нас во сите можни аспекти, и колку несигурна ни е иднината. И бидејќи не успеавме да ги признаеме и прифатиме овие чувства, тие едноставно се префрлија и во оваа година.

Па така, сега јас би сакала да поставам прашање: како да се грижиме за себеси за време на овој период што се` уште е полн со предизвици, и да создадеме малку простор за нас за да можеме да си дозволиме да имаме какво и да е емотивно искуства? Што ако ги прифатиме негативните чувства, како и позитивните искуства и да се соочиме со неудобноста и анксиозноста, наместо постојано да се трудиме да ги поправиме.

Сите сакаме да направиме мотивациски новогодишни одлуки за годината што не` чека. Наместо резолуции, јас решив да поставам ритуали за прифаќање на фактичката состојба.

На почетокот на секоја нова година, разговорот што доминира во социјализацијата е како да „се стигне некаде“. Како да се постават поголеми, подобри цели; како да се одвикнеме од лошите навики; како да правиме подобри приоритети; како да постигнеме оваа година повеќе од минатата; како да бидеме полни со енергија, инспирација, мотивација, итн…

Но откако ја искусивме 2020 год, тешко е да се верува дека во овој момент ни се потребни тие работи. Секако, мене не ми се потребни.

Наместо тоа, овој месец ќе се фокусирам на работите на кои можам да работам и да ги прифатам како дел од мојот живот. Сакам да одвојам време и со разбирање да го прифатам фактот дека мината година беше многу тешка (за мене, за моето семејство, за моите пријатели, за сите). Сакам да си дадам себеси време и за да се чувствувам помалку радосна во врска со новите искуства, дури и да си дозволам малку повеќе сладолед и да си дозволам да се изнаплачам пред да се само-мотивирам дека ќе ја имам „најдобрата година“ во животот.

Сите се навикнавме да кажуваме дека сме „добро“

Кога некој ќе праша како се чувствувате, не одговарајте „добро сум“, ако не е така.

Наместо тоа, размислете за тоа прашање како за брза проверка за менталното здравје. Како ви е навистина? Што ви треба? Што ви се мота низ глава? Каков вид разговор би ви бил од помош?

Во овој случај, можно е да имате корист од медитација. Исто така, можат да ви помогнат и вежби што ви овозможуваат подлабоко размислување како што е водење дневник, тарот карти, сликање или правење ракотворби. Но сите би се чувствувале многу подобро ако сме само поискрени со себе.

Тоа значи да зборувате за тоа како се чувствувате, а не да одговарате со елиптично „добро сум“.

Ова не е повик за жалби. Навистина верувам дека умот е посилен од материјата, т.е. дека најдобриот начин да го промените расположението од лошо во добро е да одлучите дека ќе го правите токму тоа.

Со оглед на кажаното, не заборавајте да бидете љубезни и нежни со себеси (и другите) и дозволете си простор да чувствувате палета од емоции, особено во време кога работите генерално и објективно не чинат.

Шансите се поголеми и другите да бидат искрени со вас ако сте вие искрени со себе

Кога некој друг ќе ви каже дека е „добро“, дали навистина му верувате?

Кога сте искрени со другите, им овозможувате и тие да ја вратат услугата. Една од работите од кои можеме сега да извлечеме корист е вистинска човечка конекција. Дали станува збор за телефонски повик, Зум состанок или едноставна порака, ја имаме моќта да му дадеме некому до знаење дека мислиме на него/неа и да делуваме како гласот на разумот за нив, доколку и тие се соочуваат со моменти на исцрпеност и замор.

Така што, многу често, се` што треба да знаеме е дека некој друг мисли на нас за веднаш да се почувствуваме подобро. И чинот на обезбедување таква сигурност за некој друг, е момент на давање, и тој момент навистина може да го претвори денот во убаво, успешно искуство.

Кога се` останато не успева, дремнете

Ништо не е поважно за нашето ментално и физичко здравје од сонот.

Понекогаш спиењето по цел ден делува како последната сламка, но всушност, спиењето треба да ни биде на врвот на листата приоритети, бидејќи се` се чини помалку театрално и повеќе справливо кога сме добро одморени.

Дремката често пати може да биде најпродуктивното нешто што можете да го направите. Според статија објавена во списанието Inc. Magazine, дремката може да ви даде супер-моќи.

Лично, обожавам да ја започнам новата година на правилниот начин, а тоа значи со поставување лични цели, и запишување еден куп изјави дека во новата година ќе бидам подобра, попродуктивна, поефикасна… Но оваа година чувствувам дека тоа не е тоа тоа што ми треба. Она што ми треба, повеќе од се` друго, е едноставно да одвојам време, да седнам и да размислам како ме правеше да се чувствувам мината година, и сигурна сум дека не сум единствена со оваа желба.

Што ако 2021 год е година на вистински, искрени разговори за вистински и искрени чувства, за реална, природна комуникација, и за ослободување на вашето автентично јас, без разлика дали станува збор за најдобрата или за не толку добрата верзија на вас самите. Верувам дека вреди да се постави таа цел.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -