Како да го подобрите задоволството на вработените во вашата компанија

Дознајте како да го подобрите задоволството на вработените во вашата фирма и како да создадете подобра култура.

Со високите нивоа на стрес, анксиозност и несигурност во моментов, важно е за бизнисите да бараат мерки што ќе го подигнат моралот во компанијата со цел да имаат среќна работна сила и позитивна компаниска култура. Ако вашиот бизнис страда од ниско ниво на задоволство кај вработените и од работници преоптоварени со работа, има неколку стратегии што можете да ги имплементирате за да го подобрите оптимизмот и да го засилите задоволството од работата на вработените.

Ако задоволството од работата на вашиот тим опаѓа, тогаш е време да направите одредени промени. Но немојте да мислите дека овие методи се еднократно решение, напротив, интегрирајте ги во вашата компаниска култура како трајни вредности.

Според исказите на бизнис лидерите интервјуирани со цел да го споделат нивното искуство како успеале да го засилат и одржуваат задоволството кај вработените за порталот businessnewsdaily.com, неколку едноставни тактики можат да ви обезбедат поволен терен за негување на позитивна компаниска култура и работа со среќни вработени.

Вработените треба добро да ги разбираат вредностите на компанијата

Иако голем број сопственици на бизниси се водат според грешното размислување дека задоволството кај вработените зависи од подароци, бесплатна храна, маси за пинг понг и пијачки по работното време, Рејчел Ланхам, раководител на секторот за поддршка на клеинти во Voodle, вели дека најважно е да обрнете внимание на тоа дека вашиот тим ги разбира вредностите и целите на компанијата, а единствениот начин како да го постигнете тоа е преку јасна комуникација.

„Најпрво, мора јасно да ги артикулирате мисијата, визијата, вредностите и целите,“ вели Ланхам. „Потоа, клучно е да комуницирате постојано и транспарентно и да ги засилувате овие информации додека го споделувате напредокот но и застојот со вашиот тим“.

Кога вработените ја разбираат и се грижат за насоката во која се движи вашата компанија, има поголеми шанси тие искрено да се ангажираат во остварувањето на нејзиниот успех.

Создадете отворена линија на комуникација

Вашата компанија треба да ја олеснува и да ја поттикнува комуникацијата. Вработените треба да се чувствуваат удобно кога сакаат да ви се обратат и да добијат одговор на прашање, да зборуваат за време на состаноците и да соработуваат со колегите. Тие треба јасно да разбираат што се очекува од нив и што можат да очекуваат од вас.

„Менаџерите може да организираат кратки состаноци еден-на-еден со секој вработен за да бидат сигурни дека комуникациските канали се отворени за вработените да можат да ги искажат проблемите со кои се соочуваат или да даваат идеи,“ вели Кевин Ли, извршен директор на JourneyPure. „Обезбедете им насоки на менаџерите и на вработените за да вработените можат приватно да дискутираат теми без да чувствуваат страв од сузбивање“.

Охрабрете ги вработените да обезбедуваат повратни информации

Покрај отворената комуникација, вашата компанија треба да негува култура што ги охрабрува вработените да даваат повратни информации. Можете да обезбедите искрени и отворени повратни информации за нивната ефикасност, и да барате нивно мислење за тоа како компанијата би можела да се подобри. Можете да го направите ова еден-на-еден или на состаноци што вклучуваат повеќе вработени, но и преку внатрешни анкети.

„Организирајте отворени состаноци со поголем број вработени за да им дадете нови информации за компаниската стратегија и планови, и поканете ги и тие да дадат повратни информации и да се вклучат во дискусијата,“ вели Едгар Аројо, претседател на SJD Taxi. „Размислувањата на вработените ќе ви помогнат да дојдете до нови идеи и ќе ги натера да бидат повеќе инволвирани во работата“.

Создадете култура на позитивно размислување од горе надолу

Ако сакате култура што е позитивна и ги охрабрува вработените, тогаш тој потфат треба да почне со лидерите на компанијата. Вработените се огледуваат на лидерите за да видат како да се однесуваат во рамките на компанијата, така што ако сте раководител кој води преку пример, тогаш тоа ќе создаде пријатна работна средина и ќе го засили задоволството кај вработените.

„Позитивното размислување навистина почнува кај менаџментот на врвот,“ вели Монро Ганг, извршен директор во Atlantic Partners. „Ако менталитетот на извршниот директор не е позитивен, тогаш тоа ќе се пренесе и во останатите ниво на компанијата. Ваша одговорност како лидер е да бидете оптимист кога сте соочени со неволји, и да играте улога на пример за сите во секакви ситуации, без разлика колкав предизвик преставуваат тие или колку и да сте лично фрустриран“.

Организирајте активности што ќе го подигнат задоволството од работата на вашиот тим

Позитивното расположение е тесно врзано со тоа како вработените се чувствуваат во врска со тоа што се дел од тимот, така што важно е да одржувате активности за „тим билдинг“ што ќе ги зближат вработените. Ако вашиот тим работи во иста канцеларија, можете да им организирате ручек или бесплатни пијалаци. Но организирањето ваков вид активности за членовите на тим кој работи на далечина може да биде голем предизвик. За тимовите кои работат на далечина, добра идеја би било сите да посетуваат виртуелни неформални средби или да ги охрабрите да одржуваат неформални видео повици еден-на-еден.

Обидете се да размислувате креативно, или замолете ги членовите на вашиот тим самите да предложат активности што би сакале да ги прават заедно. Без разлика дали работите на далечина или во канцеларија, покажете му на вашиот тим дека се грижите за нив со тоа што ќе ги прославувате родендените, годишнините и други важни датуми.

Менталното здравје на вработените направете го приоритет

Од особена важност е да посветите внимание на менталното здравје на вашите вработени, особено за време на пандемијата, кога нивото на стрес и анксиозност е многу високо. Во една анкета спроведена од страна на обезбедувачот на здравствена нега Ginger, речиси 70% од испитаните вработени кажале дека пандемијата на Ковид-19 е најстресното време во нивните кариери.

Голем број лица работат на далечина, така што можеби е тешко за нив да постигнат здрава рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот. Вработените на далечина често пати мака мачат со престанувањето со работа, што може да доведе до прегореност. За да спречите вработените да бидат преоптоварени со работа, компаниите би требало да имаат воспоставено дисциплина во поглед на границите, вели Ланхам. Тие би требало да ги охрабруваат членовите на нивните тимови да земат неколку дена одмор, дури и да немаат каде да одат.

„Барајте од вашиот тим да одвои време за одмор, или во текот на денот, да одвои време за ручек со семејството или попладневно вежбање,“ дополнува таа. „Во Voodle, менаџерите се во неволја ако ги контактираат вработените за време на одмор. Почитувањето на слободното време е чекор што ќе има најголемо влијание кај вашиот тим“.

Друг начин на кој можете да го направите менталното здравје на вашите вработени приоритет вклучува флексибилни работни часови, обезбедување дополнителен платен одмор и охрабрување на вработените да одат на редовни паузи за време на работниот ден.

Поттикнувајте го професионалниот развој на вработените

Задоволството кај вработените има шанси да падне кога персоналот не гледа можности за професионален развој. Охрабрете ги вработените да преземаат нови одговорности, и дајте им време да работат на проекти за кои чувствуваат страст или да посетуваат курсеви за професионален развој.

„Стратегија што често пати е занемарена се курсеви за професионален развој, за да можат вработените или да ги надградат нивните моментални вештини или да стекнат ново знаење што ќе им помогне да стигнат до понапредна позиција во компанијата,“ објаснува Ганг.

Покажете им на вработените јасен пат по кој можат да напредуваат во рамки на организацијата, тогаш шансите се поголеми дека ќе останат да работат во компанијата подолго.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -