Како да ги поддржиме и задржиме вработените родители

Минатата недела имав видео повик со извршниот тим на Mailchimp и мојата најмала ќерка Џејн се разбуди, плачејќи. Го исклучив видеото, ги ставив слушалките и го однесов лаптопот на масичката на која ја пресоблекуваме за да можам да внимавам на состанокот додека да ја заспијам. Додека ја нишкав, Зум ме потсетуваше дека звукот ми е исклучен и се надевав дека никој нема да ми постави прашање, пишува Кејт Кифер Ли извршен директор за комуникација за Mailchimp, каде е одговорна за односите на јавност за компанијата.

Џејн на крајот заспа. На прсти се вратив назад на бирото и повторно ја вклучив камерата како ништо да не се случило. Во тој момент, како многу пати претходно, добив еднакво големи чувства на хаос и способност. Ова е типичен ден на голем број родители во моментов: станавме неверојатно ефикасни во извршување повеќе работи истовремено, но висиме на конец.

Ова го правиме од март минатата година. Сега, на почетокот на 2021год, сите овие обврски стануваат малку потешки. Родителите треба да пакуваат ручеци за во училиште, да ги поздравуваат децата на автобуските станици кога се качуваат во школскиот автобус, и да ги подготвуваат децата за училишни концерти. Но сега сме и асистенти на наставниците. Нашите домови се канцеларии, училници и игротеки истовремено.

Истовремено сме свесни и за последиците од кризата предизвикана од недостаток на нега за деца, како и фактот дека жените се повеќе погодени од мажите од пандемијата. МекКинси проценува дека милиони жени размислуваат да го напуштат пазарот на трудот, и дека работните места на жените се 1,8 пати во поголем ризик поради последиците на Ковид-19 отколку работните места на мажите. Ова делумно се должи на фактот дека жените почесто го носат товарот за детската грижа, и особено поради тоа што жените од малцинствата имаат поголеми шанси да работат во индустрии што се непропорционално погодени од пандемијата. Во голем дел од овие индустрии, работниците не ни имаат опција да работат од дома.

Никој не знае кога ќе се отворат сите училишта, а голем дел од градинките и дневните центри за деца се трајно затворени. Како што домашната грижа за деца ќе станува се` поприсутна, голем број родители не ќе можат да си ги дозволат тие дополнителни трошоци, што значи дека семејствата со пониски примања ќе бидат во уште поголеми неприлики. Ако ништо не се промени во оваа ситуација, жените ќе го напуштат пазарот на трудот во рекордно високи бројки. И ова веќе се случува.

Ваквата слика делува безнадежно, но сепак постојат реални начини како бизнисите можат да помогнат. Кога нема доволна владина поддршка, проблемот треба да го решат работодавачите. Компаниите што ќе успеат да ја обезбедат ваквата поддршка имаат можност да ги подобрат животите на нивните вработени за време на ова глобално тешко време, да направат позитивно влијание и да создадат предност над конкуренцијата за идните години.

Понудете едноставни опции како што се полабав распоред

Вработените родители имаат потреба од флексибилност и финансиска поддршка. Поддршката може да дојде во форма на бенефити за детска грижа, слободно време за оние родители кои мораат да обезбедат нега дома, па дури и стипендија за работа од дома за сите вработени.

Секако дека оваа пандемија е тешка за сите. Ако размислувате за предизвиците со кои се соочуваат родителите, размислите за бенефити што ќе им бидат од корист на сите вработени. Се` повеќе компании нудат итни боледувања, дополнителен платен одмор, и терапевтски сесии за вработените кои имаат проблеми со менталното здравје. Овие бенефити ќе им помогнат на вработените кои се грижат за членовите од семејството, кои се борат со изолација или други проблеми поврзани со менталното здравје, или кои се соочуваат со финансиски предизвици како резултат на пандемијата…

За бизнисите кои во моментов се борат и не можат да понудат голема финансиска помош, сепак има начин да се обезбеди поддршка во однос на времето и флексибилноста. Менаџерите можат да понудат привремено скратен распоред, да воведат „тивки“ часови кога не се одржуваат состаноци во текот на работното време или да воведат професионални задолженија со половина работно време.

Изгледот на „новото нормално“ треба да е кристално јасен

Бидејќи голем број луѓе работат од дома и ќе продолжат во догледна иднина, лидерите мора да постават нови норми за внатрешна комуникација. Сега е време да се ревидираат состаноците што се организираат во компанијата. Состаноците што немаат јасна агенда и цел треба да се отфрлат. Исто така, преиспитајте ја и должината на состаноците. Обидете се да ги снимате состаноците за вработените да можат да ги погледнат подоцна, без да се грижат дека нема да бидат информирани или дека ќе заостануваат со работата.

За време на состаноците, не ги притискајте учесниците да ги вклучуваат камерите. Дури и на другите да не им сметаат децата кои трчаат по дома во позадина, родителите можеби се чувствуваат неудобно бидејќи баш во тој момент можеби преслекуваат пелени. Можеби не успеале да ги пресоблечат пижамите сабајлето. Или пак едноставно, можеби се уморни од седењето пред камера и им треба пауза.

Комуницирајте

Една од најголемите грешки што лидерите ги прават за време на криза е кога молчат откако ќе заврши првичниот шок. Пандемијата не е завршена и вработените се се` уште загрижени. Зголемете ја честота и транспарентноста во комуникацијата. Размислете за додавање нови канали како што се видео пораки, или сесии за време на кои вработените можат да постават секакви прашања, или дневни и неделни информации за она што се случува во компанијата.

Разговарајте со вработените или испратете им едноставна анкета. Запрашајте ги како пандемијата влијаела на нивните животи. Можеби ќе добиете одговори што ќе ги потврдат вашите очекувања, или пак ќе наидете на информација што ќе ве изненади.

Во Mailchimp, спроведовме анкета во целата компанија и дознавме дека родителите се нервозни кога станува збор за тоа дали нивните деца треба да се вратат во училиште со физичко присуство и дека виртуелното учење дома им е проблем. Исто така дознавме дека вработените ценат кога добиваат слободно време, но дека мислат дека не можат да го искористат а притоа работата да не трпи. Со овие информации, бевме во можност директно да работиме на решение со менаџерите за да им помогнеме на работниците да постигнат рамнотежа во нивните распореди.

Создадете заедница за поддршка

Без разлика на големината на вашата компанија, има голем број едноставни и бесплатни начини како да создадете заедници за родителите во вашата работна средина. Можете да креирате група за поддршка на вработените родители, да им ги обезбедите ресурсите да имаат дискусии и да собираат повратни информации. Да поканите говорници кои ќе зборуваат за родителството и за работата до дома. Нашиот канал на Slack наречен „Родители во mailchimp (“#parents-at-mailchimp”) е мешавина од прашања и совети, и еден тон убави фотографии.

Лидерите кои имаат деца треба да се отворени во врска со родителството во онаа мера во која се чувствуваат удобно. Ова е моќен начин да се поврзаат со вработените и да ги направат да се чувствуваат поддржани. Дајте им до знаење на вашите вработени кога вие ќе земете слободни денови за да бидете со семејството, или ставете ги тие денови во јавен календар. Зборувајте за предизвиците со кои вие се соочувате, бидејќи се справувате и со вашиот и со распоредот на вашите деца. Бидете ментор на вработените кои имаат слични проблеми.

Имајте доверба во вашите вработени родители

Не треба да ги спуштите очекувањата – вработените родители се` уште можат да бидат продуктивни (и онака поголемиот дел од нас се навикнати да прават милиони работи одеднаш), но оваа промена ќе бара нови начини на работа и многу повеќе асинхрона соработка. Овој пристап исто така изискува промислено и сочувствително лидерство.

Предизвикајте ги сопствените претпоставки и субјективни мислења: кога знаете дека имате мајка која има мали деца дома дали се двоумите да и` дадете поголем број задолженија? Дали го имате истото чувство ако станува збор за татко со мали деца, или претпоставувате дека грижата за децата кај него е обезбедена? Многу се зборува за разноликост и инклузија во технолошката индустрија, но сите тие дискусии се добри само доколку инспирираат нови, продуктивни практики.

И, ако навистина сакате да им помогнете на вработените родители, понудете им долгорочни бенефити што ќе ги подобрат нивните животи и по завршетокот на пандемијата, почнувајќи со платено отсуство. Се` додека сите не прифатат платено време за да можат да се грижат за нивните семејства и да не се плашат дека ќе ги изгубат работните места, работодавачите ќе мора да ги пополнат овие празнини.

Ковид-19 и кризата со детската нега ќе предизвикаат штетни последици за жените на работните места, и компаниите сносат одговорност да се обидат да се справат со тие ефекти. Не само што е правилното нешто што треба да се направи, туку е и можност да се создаде силна работна сила за иднината. Родителите можат да ја направат вашата компанија посилна. Не сакате да ги изгубите.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -