Како да ги натерате медиумите да пишуваат за вашиот бренд

Пандемијата им покажа на претприемачите дека преминот кон дигитално работење би требало да е најголем приоритет доколку сакаат бизнисот да им опстои. Дали дигиталното работење подразбира привлекување публика за вашиот бренд преку социјалните медиуми или создавање вебсајт за е-трговија, сопствениците на бизниси треба да се сретнат со нивните клиенти таму каде што купуваат, а тоа е онлајн, пишува Бизнис инсајдер.

Медиумско покривање на вашиот бренд е еден од најдобрите начини да го израмните вашето присуство на интернет и да го рекламирате вашиот бизнис и би требало да ви овозможи директно да стигнете до потрошувачите. Битна карактеристика за вашата компанија може да донесе повеќе сообраќај на вашиот сајт и да генерира продажба, следбеници и лојални муштерии.

Но тоа не е лесна задача за основачите на бизниси кои често пати треба да се снаоѓаат во различни улоги и можеби немаат време или ресурси да посветат на дострелот, вели Адриен Гарланд, основач на She Leads Media, компанија што е специјализирана во обезбедување помош на жени претприемачи за рекламирање на нивните бизниси.

„Сопствениците на мали бизниси се соочуваат со предизвици кога се изгубени во море од содржина,“ вели таа, додавајќи: „од клучна важност е да имаат супер привлечни, единствени вредносни предлози и да ја познаваат нивната цел уздуш и попреку.“

Мишел Ајсакс е основач на 22 Spring, креативна агенција за комуникации што претставува фирми основани од познати личности како Player’s Tribune на Дерек Џетер, и Unanimous Media на Стивен Кари.

И Гарланд и Ајсакс имаат повеќе од 10 години искуство во односи со јавност, комуникации и маркетинг. Двете основачки ги споделија со Бизнис инсајдер најдобрите практики на нивните клиенти што им овозможуваат да бидат објавени во големи, но и во локални публикации.

Во продолжение се нивните најкорисни совети за медиумско покривање на вашиот бренд.

Познавајте ги вашите цели

Идентификувајте ги вашите приоритети пред да почнете да го промовирате вашиот бизнис. На пример, рекламирањето некој конкретен производ може да ја поттикне продажбата, додека пак профилот на вашиот основач може да има долготраен ефект во поглед на репутацијата на вашиот бренд и луѓето што ве следат на социјалните медиуми.

Гарланд бара од нејзините клиенти јасно да ги одредат нивните цели и поенти како бизнис, пред да започнат со известување на медиумите за нивните производи или услуги.

Ајсакс работела за списанијата GQ Magazine и Player’s Tribune пред да ја основа нејзината сопствена компанија за односи со јавност, така што разбира што бараат уредниците и новинарите. Кога знаете што точно го разликува вашиот бренд од останатите, тоа ќе ви помогне во раскажувањето на вашата приказна. Таа вели: „Добра приказна ја создава врската помеѓу потрошувачите и брендот.“

Разберете го медиумот кој објавува за вас

Пред да пронајдете новинар кој ќе пишува за вашиот бренд, важно е да знаете што тој покрива и каков пристап користи медиумот во кој работи. Гарланд чита од 10 до 15 статии дневно за да биде во тек со пулсот на индустријата.

„Кога одново се замислувате како изгледа вашиот бренд врз основа на веќе објавени статии во медиумите, и ако можете да ја вклопите вашата приказна во тој вид контекст, тогаш почнуваат да се појавуваат нови можности,“ објаснува Гарланд. Таа исто така советува основачите кои немаат време на располагање, да ангажираат практикант или асистент кој ќе работи на првичното истражување, а потоа да се одберат медиуми кон кои сакаат да се фокусираат.

Ајсакс истакнува дека не сите медиумски покривања носат еднаква вредност. Понекогаш на одреден бренд му е потребна една многу добра приказна отколку бура од соопштенија до јавноста и статии.

Создадете однос со новинарите

И Гарланд и Ајсакс ја потенцираат важноста на развивањето искрени односи со новинарите. Градењето лична врска со новинар ќе ви помогне да го усовршите вашиот „пич“ за да може да се вклопи во нивната работа и вие да им бидете првото нешто што ќе им падне на ум кога се во потрага по извори.

Ајсакс вели дека некогаш се потребни неколку месеци за една приказна да се дефинира, така што воведно кафе може да биде добар начин да се засади семето за нешто што ќе израсне понатаму. Дури и без приказна, одржувањето односи со новинарите ќе ги натера да ве имаат на ум, па така ќе можат да се обратат кај вас во секое време кога ќе искрсне нешто.

Секој „пич“ направете го личен

Медиумските професионалци се и онака преплавени со презентации на производи и услуги на дневно ниво, така што некогаш е вистински предизвик да се истакнете помеѓу сите мејлови во нивниот инбокс. Испраќањето соопштенија или генерички објави е една од најголемите грешки што ги прават брендовите, истакнува Гарланд. Наместо тоа, мејловите треба да бидат срочени на начин што соодветствува на конкретниот новинар.

Споделете ги сите факти и важни информации за вашиот бренд претходно, за новинарот да ги име сите потребни податоци за да одреди дали вреди да се следи вашата приказна. Разбирањето на медиумот и запознавањето на новинарите ќе ви помогне во овој чекор.

„Ако можете да најдете начин како да пресечете низ ,гужвата’ и веднаш да покажете дека можете да додадете вредност и да ги направите нивните работи, и нивните животи полесни, толку поголем успех ќе имате,“ објаснува Гарланд.

Советот на Ајсакс е да се држите настрана од што било што може да се перцепира како трансакционо, неавтентично или опортунистичко во обид да се ставите себеси во циклусот на објавување вести, како што на пример беше случај кога голем број компании ја поддржаа кампањата Black Lives Matter во нивните постови ова лето. Наместо тоа, следете ги приказните што веќе се во согласност со вредностите на вашиот бренд и иницијативи.

Користете алатки за ширење на приказната

Гарланд редовно користи Твитер и ХАРО (Help A Reporter Out), платформа за новинари на која можат да најдат извори, да се поврзаат со други новинари и да ги истакнат единствените агли што се` уште не се раскажани. Најдете нови начини да зборувате за вашиот бренд наместо да ја раскажувате истата приказна безброј пати.

„Важно е за луѓето да можат да ја растат приказната за брендот како што расте компанијата и да ја надградуваат бидејќи медиумите не сакаат да покриваат приказни што веќе се напишани на некаков начин милион пати претходно,“ вели Ајсакс.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -