Ирена Лозана: „Главна испирација ми се децата на кои им ја пренесуваме одговорноста да ја чуваат и негуваат планетата“

Смартер Гаиа е компанија која работи според моделот на социјалното претприемништво, чија цел е да ја менува свеста на потрошувачите во насока на зачувување на планетата Земја. Нејзин главен производ се хигиенски влошки за повеќекратна употреба. Ирена планира 7% од заработката на нејзините производи да ги донира во загрозени семејства и лица под социјален ризик. Според неа, влошките се сериозен дел од глобалното загадување, а со овие иновативни производи, таа верува дека секоја жена ќе даде свој придонес во намалувањето на овој проблем.

Мотивацијата да им се помага на луѓето – предуслов за започнување сопствен бизнис

Да бидам искрена, отворањето сопствен бизнис, мислам дека беше склоп на многу работи кои се подредија во приближно ист период, но истовремено е и своевидна кулминација на моето досегашно животно и професионално искуство, инспирациите насобрани изминативе 20тина години, потребите кои ги гледам околу мене, а кои никој не се ангажира да ги пополни…

Но најмногу од сe, сопствениот бизнис дојде како резултат на мојата огромна мотивација да им помогнам на луѓето околу мене да ги трансформираат своите животи кон подобро, на ментално, физичко, емотивно но и материјално ниво. Во исто време, потребата да ги спојам моите непрофитни активности во областа на работа со деца и родители на деца со посебни способности, побарува стабилен приход кој ќе овозможи што поголем број на деца со аутизам и останати попречености и нивните родители да добијат поддршка и бенефит од мојата работа.

Сакам да бидам една од пионерите барем кај нас и во регионот кои ги промовираат целите за одржлив развој на Обединетите Нации, циркуларната економија, сината економија и сите останати концепти кои поддржуваат поинаков пристап кон бизнисот од оној стандардниот корпоративен систем, кој е исклучиво фокусиран на правење профит, а притоа не се грижи ниту за природата, ниту за луѓето.

Живееме во многу комплексен свет во кој не секој е способен да создава профит дури ниту доволно за минимум достоинствен живот за себе и за своите семејства. Во една таква реалност, мораме драстично да го менуваме начинот на размислување, но и меѓусебната комуникација и најбитното – начинот на делување. Едноставно мораме да ја менуваме свеста.

Така, „Смартер Гаиа” е компанија чија цел е да иницира, развива и создава производи и услуги кои имаат сериозен импакт врз квалитетот на живеење, а притоа максимално да се грижи за сочувување и чистење на нашата животна средина. И покрај целата еуфорија околу заминувањето на Марс, јас сум сепак за варијантата да останам на оваа прекрасна планета… под услов да ја исчистиме и средиме.

Токму заради тоа, нашиот прв проект, а воедно и бренд кој го лансираме наскоро – „YoniJoy”, е посветен на целосното женско здравје со производи кои се пред се одржливи, го чуваат здравјето на жените, ги штедат нивните пари, а притоа ја чуваат животната средина.

Производи кои го менуваат квалитетот на живот 

Пред сe, моето лично искуство со реупотребливи средства за хигиена кои ги користев и за моите деца (пелени), а и за себе при менструалниот циклус (платнени влошки). Откако една пријателка од детството донесе неколку производи од странство и ги испробав на себе, се уверив дека тие се многу поздраво и поевтино решение од она што денеска се користи масовно (еднократни влошки и тампони).

После дополнително истражување во кое увидовме и колкаво е влијанието на овие производи не само врз здравјето и буџетот на корисниците, туку и на загадувањето, кое буквално почна да нe убива и нас и нашите деца, одлуката падна за тоа која активност ќе биде прва за „Смартер Гаиа”. Со пријателката се согласивме дека на секоја жена во С. Македонија би требало да и` се достапни овие производи, и се договаривме заедно да го отпочнеме како бизнис, особено фокусирани на решавањето на менструалната сиромаштија во земјата. За жал, откако ја регистрирав фирмата и обезбедив почетен капитал, таа реши да се повлече и останав сама.

Ја наоѓам инспирацијата во силната потреба да им помогнам на луѓето околу мене. Нема поубаво чувство од тоа да направите нешто за некого што ќе им го подобри животот, олесни болките, сочува здравјето … а најмногу од сё, да им ја подигне свеста за тоа како самите тие да почнат еден поинаков и поквалитетен живот, помагајќи си себеси а потоа и на другите. Колку и да звучи како клише, јас навистина сакам да оставам подобар и поубав свет зад себе кога ќе заминам од него. И најбитно од сё знам точно што сакам, зошто сакам и како сакам да го постигнам тоа.

Потенцијалот на жената има далеку поконструктивна моќ од машкото его

Најголемиот предизвик си го поставив самата себеси. Сакам со сё што правам, да придонесам во зајакнувањето и обединувањњто, пред сё, на жените во нашата земја, регионот па и во светот. Зошто токму жените … Затоа што потенцијалот на една здрава и моќна жена да ја „среди куќата” неколкукратно ја надминува способноста за деструкција на Егото (пред сe машкото) кое ја донесе планетава до ова дереџе. Да не бидам погрешно разбрана, не се залагам за преземање на доминација од страна на жените, туку создавање на баланс во кој само најдоброто од сите нас ќе ја креира нашата реалност во една прекрасна иднина.
Во поглед на другите објективни потешкотии, нив ги има премногу, особено во нашата земја. Недостаток на кадар, суровини, капитал, инвеститори, поддршка од институциите…

Сепак, милувам да се фокусирам и да зборувам за решенија и позитивни можности. Јас успеав да постигнам во животот да не бидам „терана” од какви било надворешни причинители, бидејќи ме „влечат” инспирации кои се посилни од истите. Со други зборови, кога навистина сте сигурни во својата цел, имате страст кон тоа што го работите, ве исполнува резултатот на вашиот труд … тоа е тоа. Главна испирација ми е љубовта кон мајката земја, и сё што е живо на неа. Но најмногу од сё, децата на кои треба да им ја пренесеме одговорноста да ја чуваат и негуваат планетата откако ние ќе заминеме.

Поддршката од семејството е незаменлива

Морам да признам дека до пред неколку години, како и повеќето граѓани денес бев крајно незадоволна од ова општество, државата, системот, институциите, луѓето … Доживеавме многу тешки ситуации, загуби во семејството, материјални загуби, здравствени проблеми… Дозволив дури до таа мерка да ми се наруши здравјето што бев неспособна да се грижам ниту за себе ниту за семејството.

Сепак, дното ме натера да се свртам навнатре и искрено да почнам да комуницирам со самата себе. Расчистив многу илузии поврзани со животот, се соочив со моите најголеми стравови, се откажав од наследени верувања и програми кои беа штетни за мене, и донесов одлука да го поминам секој нареден ден од животот во радост, љубов, креација, помагање и земање на судбината во мои раце. Морам да признам дека разбирањето и синергијата кои ги имам со сопругот и децата, многу ми помогнаа во тоа. Искреноста, добронамерноста и позитивноста се тие вредности кои ги пренесувам и во мојот претприемачки дух, а се столб на нашата семејна хармонија.

Знам дека на многумина ова им звучи наивно во денешницата, но уверена сум дека доколку јас и мене сличните истраеме на човечките вредности во бизнисот, многу наскоро ќе почнеме да гледаме многу поубаво општество околу нас.

Соработка подразбира тим чии членови имаат различни таленти и способности

Да бидам искрена, поимот „ГАЗДА” воопшто не ме мотивира ниту ми значи нешто. Едноставно сум приморана да ја преземам таа улога на капетан на бродот, за да стигнам до целта која во моментов само јас ја гледам. Сепак сум максимално отворена да примам нови членови на екипажот, но и уште поголем број на сопатници. Во мојот концепт на претприемништво главен двигател е соработката и спојот на различни таленти и способности.

Секој треба да знае што дава и што ќе добие како награда по успешната соработка и да биде задоволен од истата. Доколку не се започне така, целиот проект е осуден на неуспех од старт. Ова е во тотална спротивност на корпоративниот модел кој промовира конкуренција и уништување на другите играчи на пазарот преку корупција, поткупи и криминал. Мораме конечо да ги менуваме работите на ова поле ако сакаме вистински праведно и избалансирано општество.

Секој оној кој се чувствува способен и подготвен да ги оствари своите идеи, треба да биде храбар и да се обиде во претприемништвото. Доколку не се, нека бидат трпеливи и нека собираат знаење и искуство до моментот кога ќе „знаат” дека настапиле нивните “5 минути”.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -