Инспирацијата ја ноаѓам во играта со пламенот кога изработувам филигран

Марија Милошевска ја има таа ретка способност успешно да ги комбинира претприемачките вештини, современите уметнички изрази и традиционалната техника на изработка филигрански накит. Дознајте повеќе како и` поаѓа од рака да направи спој меѓу рокенролот, филигранот и уметничките инсталации, како и нејзините идни планови за уникатните производи.

Од секогаш сум сакала филигран, но во моите студенски денови едвај имаше од каде да се купи филигран, а не пак да се научи. Во 2005 година, само што ги завршив студиите по етнологија и антропологија,  за прв пат се отвори школо за изучување на оваа техника. Тогаш уште не беа масовно развиени социјалните мрежи, па за овој повик дознав од другарка која ми се јави да ми каже, знаејќи дека сакам да изработувам накит од различни материјали.

За филигран не сум ни сонувала дека би можела да го научам. Од тогаш за мене се отвори еден нов свет на воздишки. Филигранската страст е љубов кон преобликувањето на суштествувањето во дејствување. Ја инспирира творечката моќ. Ги менува поимите на искуството. 

Филигранската страст се дели на страст за изработка и страст за носење/китење, односно поседување филигран. Она што ме воодушевува во филигранската техника е процесот на успешното лотување (или игра со пламенот) каде е прикажан моментумот на успешно фиксирање на мрежата, (преку совладувањето на огнот), каде огнот/пламенот е основен алат, контролиран од воздишката во процесот на креирање на делото од  сребро, оган и воздух. Самиот филигран всушност не го прави мрежата, туку „воздухот со кој е таа пополнета“.

МАМКА – нова иновативна линија производи инспирирана од македонската рибарска мушичка

Изминативе години активно работам на промоција на нова линија на дизајн производ инспириран од најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка, во светот позната под името Macedonian fly.  

Овој податок е запишан во делото “De Natura Animalium” од римскиот автор Клаудије Елијан (Claudius Aelianus 175 – 235 г. н.е.). Белешката вели дека, во римската провинција Македонија постоела река Астреј (Astraeus) каде рибите се хранеле со мушички, со изглед помеѓу пчела и мува, кои мештаните ги нарекувале Хипурос ( Hippouros). Кога човечката рака ќе ги допрела живите мушички, тие се распаѓале. Инстинктот им кажувал на рибите дека ваквите мушички веќе еднаш биле уловени, па не сакале ниту да им се приближат. Со цел да ги намамат рибите, рибарите на јадица намотувале црвена волна и за волната врзувале два пердува со восочна боја искубани од ресата на вратот на петелот. Ваквата мамка ја закачувале на конец што бил долг исто колку и рибарскиот стап.

Производите со наслов МАМКА претставуваат комбинација на две уметности, односно занаети (филигран и изработка на вештачки рибарска мушичка). Овој концепт се темели на истражување за поврзаноста помеѓу филигранот и  мушичарењето.

„МАкедонскаМушичКА“ – МАМКА е ново движење (или „летање“), препознаено како иновативен пристап при развивање на идеја за третирање на наследството и преточување во креативни (културни) индустрии, каде комбинацијата на филигран и вештачката рибарска мушичка е производ со уникатни перформанси и естетска вредност.

Овој концепт ги отвора прашањата за нашите искушенија и сака да го испровоцира прашањето: дали сè уште сме природни или стануваме вештачки? Дали имитацијата на природата е наша предност или наше уништување? Дали сме привлечени од мамката или од чувството на загризување?

МАкедонскаМушичКА – МАМКА во себе содржи: артефакт, спорт – мушичарење, риболов, занает, вештина, културно наследство,  вода,  риба, мамка, екологија, имитација на природата, радост, мудрост и слобода. Оваа приказна прераснува во нов  бренд со фокус на историското и културното богатство на С. Македонија и за маркетиншки цели го користи фактот  за најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка.

Новината кој го внесува овој дизајн е што за прв пат рибарската мушичка пазарно се користи за цели кои се разликуваат од основната функционална цел на овој производ (рибарење). Секој производ кој кој го носи идентитетот/логото на #МАкедонскаМушичКА (МАМКА), всушност ја носи оваа приказна. Во подготовка се повеќе серии од овој бренд, поделени во категории на производи кои вклучуваат: Home accessories (предмети за домот), Kitchen accessories (производи за кујна и кулинарство), Fashion (модни додатоци, шапки, елеци и сл.), Jewelery и многу други додатоци.

„Живеам како уметник, истражувач или претприемач

Растена сум во семејство економисти. Цел живот слушам за пресметки, даноци, салда, закони и сл. Но, мене од секогаш ме привлекуваше уметноста. Од 2009 година решив да основам компанија за произвдство на накит и уметнички инсталации од сребро, злато, месинг, полудраги камења, под името ORO workshop. Симболот на ORO WORKSHOP посочува на вибрацијата  на филигранската жица, преку сребрената трзалица.

Секое парче накит или инсталација е рачно изработено. Изработувањето на накитот е дисциплина во визуелните уметности која има исклучително долга и богата историја во нашата држава. Накитот и другите декоративни предмети биле карактеристика за нашиов регион уште од праисторијата. Ваквите уметности имаат тенденција да предизвикаат свест за националниот и локалниот идентитет и на индивидуата и на луѓето, а филигранот е дел од сето ова.

Како етнолог и истражувач, одсекогаш ме интересирала функцијата на накитот, неговата симболика, моќ, стил, аура и естетската вредност. Филигранскиот накит најчесто се појавува како манифестација во различни ритуали, социјални, историски, религиски или лични. Во поново време, културалниот развој на филигранското дело е обновен од заборавот во периодот од 2005 – 2006 година. Оттогаш наваму е зголемено присуството на филигранот на дизајнерската и современата уметничка сцена.

Сметам дека уметничките дела се многу посупериорни во споредба со другите работи, бидејќи остануваат подолго на светов од сѐ друго, како сведоци на сите настани. Тие се единствените предмети без никаква функција во живиот процес на општеството, директно кажувајќи дека тие не се произведени за човекот, туку за светот кој треба да го надмине животот, односно доаѓање и заминување на генерациите.

Сите овие уметничко – истражувачки пракси всушност ме доведоа да станам претприемач преку креирање на новиот бренд МАМКА. Оваа година спремам голема промоција на МАМКА каде ќе бидат прикажани уметничкиот, истражувачкиот и комерциајлниот дел.

„Во моментот кога ќе помислиме дека сме го совладале филигранот во потполност, пристигнува спознанието дека оваа техника ни открила само дел од своето лице .“

Филигранската техника бара потполна посветеност и на посебен начин ја бара душата на создавателот, и само така филигранот е спремен да открие дел од своите тајни, да открие дел од својата еволуција. Восхитувачки е тоа што мал предмет може да се изработи на свеќа, а додека големите парчиња бараат оган со поголем размер.

Во моментот кога ќе помислиме дека сме го совладале филигранот во потполност, пристигнува спознанието дека оваа техника ни открила само дел од своето лице и ако сакаме да го осознаеме што повеќе, треба да му посветиме уште едно зрнце од својата душа за возврат.

Сите овие искуства  ме инспирираа да експериментирам и да го прикажам филигранот низ еден поинаков пристап. При самиот процес на изработка, жицата произведува звук, па оттука и тргна приказната за комбинација на филигранот со музика, перформанс, beat box, креирање концептуални колекции кои произведуваат звук, документарен филм, награди за музичари (David Bowie), награди за најдобри музички документарци, режисери итн.

Во 2011 година беше промовирана колекцијата на звучен филигрански накит насловена како „ОРОРОК – ладна жица стопена во жежок ритам”. Оваа колекција претставува рок енд рол енциклопедија на филигрански накит инспирирана од екс-ју рок музиката во 80-тите.  Целиот концепт претставуваше препев на песните низ материјалниот свет на среброто и неговиот звук. Музичарите на бендовите Хаустор, Леб и Сол, Мизар, Вјештице, Рамбо Амадаеус, Лет 3, Забрањено пушење, Азра и др. се составен дел од оваа колекција каде позираат со филигранскиот накит. Оваа изложба му даде една нова димензија на филигранот, со што ORO workshop стана препознатлив од категорија на купувачи кои знаат што сакаат.

Подоцна приказната продолжи со изведување на концептуални уметнички перформанси кои го прикажуваат целиот тек на процесот. Од оваа идеја се разви филмот Silver song /Сребрена песна, со кој се промовираше филигранот во еден сосема нов  правец.  Спојот на филигранот со различните медиуми ме доведе да создадам еден поинаков начин на комуникација со клиентите.

Накитот е уметност која е поврзана преку врската набљудувач-примач-автор, нагласувајќи ја индивидуалноста на креаторот и личноста на примачот, односно носачот на накитот.

Десетгодишното опстојување на пазарот само ја потврдува врската и квалитетот на производите, како и лојалноста кон потрошувачите и следењето на нивните потреби. Секое парче жигосано со логото на брендот ORO WORKSHOP  претставува елеганција карактеризирана со уникатен дизајн, квалитет и доживотна гаранција.

Пречките не се проблем туку предизвик

Еден посериозен проблем со кој се соочувам изминативе години е извозот на сребро, каде не се јасно дефинирани правилата. Наидувам на различни одговори од различни институции и различно толкување на законите. Знаејќи го фактот дека денес интернет продажбата е основа на секој бизнис, наидуваме на пречки бидејќи, за жал работата со среброто е малку покомплицирана. Дури ни службите за испорака на пратки (пошта) не се нафаќаат да дистрибуираат парчиња од полудраги метали. За разлика од извозот, за увозот може да кажеме дека многу полесно се одвива. Од друга страна пак, голема предност е што денес лесно може да се најдат потребните алати,  што исто така беше еден голем проблем во изминатиов период.

Присуството на индустриското производство во споредба со уникатните производи се само уште еден предизвик кој ме инспирира да креирам уникатни производи кои се сублимација на вредноста на карактерот на конзументот и креативната потполност на авторот.

За оваа категорија на бизниси која вклучува ревитализирање на старите занаети, односно промоција на креативните индустрии, потребна е посериозна стратегија со која ќе се промовира, развива и етаблира македонскиот ракотворец и уметник, преку културната политика и културниот менаџмент.

Работата на Марија Милошевска можете да ја следите на овој линк.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -