Зошто е најдобро да се основа стартап компанија за време на криза

Со невидени кризи доаѓаат и невидени можности. Можеби звучи спротивно на здравиот разум кога ни се чини дека светот забавува и се стеснува поради тековната пандемија, но историјата не` учи дека ова може да е совршената можност да се претвори бизнис идеја во реалност. Во 2009 год, фондацијата Евинг Марион Кофман спроведе истражување со над половина од компаниите од листата на Fortune 500 за таа година, и малку помалку од половина компании застапени на истата листа од 2008 год, кое започна за време на рецесија или продолжен пад на цените. Како меурот со интернетот во 2000 год, што доведе до изумирање на голем број технолошки компании, но ги засили сегашните гиганти како Amazon и Google, и во поскоро време, успешните технолошки приказни како што се Airbnb и Slack кои се појавија по период на рецесија, сегашната пандемија исто така ги става на тест најдобрите компании од сите индустри. Не се менува само начинот на кој ги живееме нашите животи, туку се создаваат и можности да се развиваат нови бизниси.

Така што, во прилог се неколку аспекти на денешниот бизнис свет што би требало да ги земете предвид ако сакате да основате стартап компанија сега, пишува Марсиел Санчез за eu-startups.com, која има над десетгодишно искуство во различни области како што се трговија, менаџирање добавувачки ланци, логистика и производство.

Кризата поттикнува иновации

Ништо не е толку моќно како сегашната криза кога станува збор за откривање нови болки, потреби и зголемени постоечки проблеми. Милиони лица се заглавени дома, дали поради работа или образование, а истовремено се соочуваме и со изобилство проблеми што произлегуваат од оваа ситуација за кои се потребни решенија. Се плашите да користите преполн јавен превоз? Сте размислувале за купување или најмување електричен скутер или друг вид урбано превозно средство? Малопродажната, туристичката и патничката индустрија се меѓу најпогодените сектори од пандемијата. Можеме да очекуваме иновативни решенија што ќе произлезат од овие сектори во следните неколку години.

Отпорноста е инкорпорирана во процесот

Компаниите што се родени во време на криза имаат склоност да ги минимизираат трошоците, да ги зачуваат ликвидните средства, и да одбегнуваат корпоративен долг со тоа што функционираат евтино. Оттука, од самиот почеток тие функционираат со вградена отпорност. Компаниите што функционираат на овој начин се потпираат на иновативни, нискобуџетни начини со цел да го одржат бизнисот. Тие се склони да се фокусираат на брз раст преку автоматизација и намалување на човечките трошоци. Во процесот на надминување на кризата, тие развиваат отпорност и шансите се големи дека ќе продолжат да растат солидно и кога ќе помине кризата.

Изобилство на талент

Не може да се порекне дека голем број индустрии беа и ќе продолжат да бидат погодени од сегашната пандемија. Невработеноста е зголемена во сите сектори. Ова значи дека има огромен талент кој само чека нови можности. Во несигурни времиња, многумина ќе размислуваат „да скокнат од бродот“ и се поотворени во поглед на промена на работодавецот. Има и други, тие со претприемачки дух, кои ќе ја искористат можноста да основаат сопствени компании или ќе се одлучат да работат во стартап средина наместо да се приклучат на некоја одамна основана компанија.

Пристап до финансирање

Пристапот до капитал е несомнено потесен, но нема да го снема. Всушност, паметни инвеститори ќе сакаат да вложуваат особено во рана фаза на развој на компаниите бидејќи средствата што ќе треба да ги одвојат во таа фаза ќе бидат пониски од средствата потребни за инвестиција во компании во подоцнежна фаза на развој. Кусокот од финансиски средства не мора да значи дека е негативна појава. Ова ги приморува стартап компаниите да бидат поумни, поштедливи и да не се потпираат на корпоративниот долг. Сфатете ја оваа појава како принудно снаоѓање со расположливите средства. Финансирањето исто така ќе се одвива со построги контроли, што значи дека стартап компаниите ќе имаат поголема контрола и ќе внимаваат како ги користат тие средства. Ако не можете да го одбегнете долгот, тогаш имајте на ум дека каматните стапки најверојатно ќе бидат пониски за време на падовите.

Пониски трошоци

За време на криза или рецесија трошоците се пониски. Во случај да ви е апсолутно потребен физички простор, киријата е пониска бидејќи повеќето компании го усвоија моделот на работа од дома, така што се ослободуваат големи површини канцелариски простор. Има помалку побарувачка за одредени видови рекламен простор што за возврат значи пониски хонорари за маркетинг агенции. Истото важи и за опрема, односно таму каде што побарувачката не може да биде силна, трошоците се пониски.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -