За да бидете поуспешни, следете го советот на Елон Маск и ре-дефинирајте го зборот „груб“

Кога Њујорк Тајмс неодамна ги замоли своите читатели да размислат за лекциите што ќе ги извлечат од пандемијата, една жена од Џорџија одговори: „Нема повеќе да се обидувам да бидам љубезна. Се надевам дека ќе станам помалку умна, понедопадлива, посмела, погласна и поопасна жена“, пишува Џесика Стилман, писател и уредник во бизнис порталот Inc.com.

Помалку љубезност не е нешто што повеќето од нас го сметаат за добра работа, но според Елон Маск и обучувачот за лидерство и говорник на ТЕД конференции Мадлен Ди Ок, искористувањето на здравствената глобална катастрофа за повторно да се обмислат сопствените идеи за тоа што точно значи да се биде груб, може да ви помогне не само да водите посмел живот, туку и да сработите повеќе со помалку стрес.

Не може да бидете премногу добри, но може да бидете премногу љубезни

Првата работа што треба да ја сторите кога зборуваме за тоа колку многу љубезност е премногу, е да дефинираме што точно подразбираме под зборот „љубезен“. Не сум разговарала со читателката на Тајмс од Џорџија, но се сомневам дека ќе почне да користи пцовки наместо „ве молам“ и „благодарам“, или ќе почне да одбива да им помага на старите дами преку улица со кесите од продавница.

Добрината и пристојноста се секогаш во мода (или барем би требало да бидат). Кога жената од Џорџија вели дека ќе биде помалку љубезна и посмела, моето чувство е дека таа дала заклетва дека помалку ќе се грижи за тоа да ги направи другите да се чувствуваат удобно на сметка на нејзините сопствени желби. Нема повеќе прифаќање социјални покани поради чувство на обврска или пак, следење одредена животна насока бидејќи вашите родители или соседи така мислат.

Има причина зошто некој мисли дека е добра идеја да се поддржи ваквиот вид „нељубезност“ кој опфаќа ставање на вашите сопствени потреби пред очекувањата на другите. Исто така, и негувателките во домовите за стари лица и академските истражувачи потврдуваат дека луѓето пред смртта најчесто жалат за премногу време потрошено на задоволување други и игнорирање на тоа што срцето го диктира.

Професионалните придобивки од помалку „љубезност“

Според Ди Ок, помалата „љубезност“ не се однесува само на одбегнување на жалбите на смртната постела. Тоа може да ви помогне да бидете попродуктивни и посреќни на работа.

Како обучувач за лидери, специјалноста на Ди Ок е да им помогне на организациите да го намалат притисокот од состаноците на менаџментот, за да можат да трошат помалку време и да постигнуваат повеќе. Еден од нејзините најосновни совети е да се ре-дефинира терминот „груб“.

Таа за пример го зема Елон Маск : „Тој еднаш напишал мајл до неговите вработени со цел да им покаже колку му е важно да има одлична култура за време на состаноците во неговите организации. Напишал: ,Напуштете го состанокот или повикот веднаш штом ви стане очигледно дека не додавате вредност. Не е некултурно ако си отидете; некултурно е да натерате некој друг да остане и да си го троши времето’“.

Голем дел од нас се воспитувани според идејата дека ако ги правиме другите да се чувствуваат барем малку неудобно тогаш сме груби, но што ако избегнувањето на нивната мала неудобност вас ве прави да се чувствувате неудобно или непродуктивно? Што е полошо, да го натерате тој што го организира состанокот повторно да ја провери листата на учесници или да го трошите време во непријатна досада?  

Како што сите неодамна се потсетивме, животот е краток. Уште колку повеќе продуктивни (и среќни) би можеле да бидеме ако го ре-дефинираме терминот „груб“ на начин на кој трошењето нечие време или инсистирањето тие да го прифатат вашиот стил за да одговара на вашите претходни концепции се смета за многу понељубезно отколку да кажете „не“ на бесмислен состанок или да дозволите вашата личност да сјае преку вашата работа? Никогаш не престанувајте да ги цените и да им помагате на другите и да барате начини да ги успокоите, но можеби светот по пандемијата е совршената можност да престанеме да бидеме толку „љубезни“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -