Започнете бизнис на страна и изградете си империја

Една од најголемите пропуштени можности во животот е започнување мал сопствен бизнис, цени Тим Денинг, успешен блогер од Австралија, новинар за Си-Ен-Би-Си и за Бизнис Инсајдер.

Проблемот е што фразата „бизнис на страна“ ги плаши луѓето. Но, нема потреба да бидете двојник на Елон Маск за да успеете во бизнисот.

Самиот термин „бизнис“ е страшен за голем број луѓе. Универзитетите лажат и прават бизнис да звучи комплицирано. Толку комплицирано, што нема да се осмелите да водите бизнис. Решението е да го проголтате.

Империјата се чини недостижна. Бизнисот се чини премногу професионален. А, хоби звучи како да станува збор за аматер.

Фразата „бизнис на страна“ е еден полесен начин да си објасните себеси како ќе ги користите сопствените вештини за да наплатите пари. Бизнисот не е ништо повеќе од храброста да се наплатат парите.

Почетокот на мал бизнис е можеби најпотценетиот животен трик што сум го сретнал. А бизнис на страна е еднакво на мал бизнис.

мала цел+напор=моментум

моментум х 5 години = империја

Социјалните медиуми ви кажуваат дека треба да бидете грандиозни и скандалозни. Тајната е да почнете со мал бизнис што никој нема да го забележи, вклучително и вие.

Еве како да започнете бизнис на страна.

Ставете ги парите и концептот за бизнисот на крај на памет, бидејќи ќе ве обземат.

Бизнисот на страна е мал потфат. Со што би можеле да се бавите годинава? Идеално, она што ќе одберете да го „терате“ треба да ве интересира. Оваа година решив да се обидам во областа на онлајн образование. Посетував курсеви, читав блогови на темата, и истражував како да дизајнирам онлајн курс. Потоа открив други луѓе кои се разбираат во онлајн образование. Ја искористив мојата љубопитност за да им поставам прашања.

Ништо од ова што го кажав до сега не личи на бизнис. И токму тоа е целта. Фокусот не е на бизнисот бидејќи идејата за бизнис ви ги „мати водите“.

Пронајдете едно нешто на што ќе му се посветите оваа година и што ве интересира. И тоа нешто нека биде мало.

Блокирајте го стресот

Стресот на почетокот ќе го уништи интересот што го негувате. Моментот кога вашиот интерес треба да заработи пари бидејќи животот ви зависи од тоа, сте го н*****е.

Порано пишувањето беше мој бизнис на страна. Го користев пишувањето како начин да се ослободам од стрес. Прашањето беше: „Како можам да го искористам овој интерес да побегнам од стрес?“

Потоа мојот страничен бизнис се претвори во радост. Седнував и пишував кога можев. Тоа беше забавно. Ми помогна да научам повеќе. Учењето води до усовршување. Усовршувањето, подоцна, води до империја.

Дизајнирајте го вашиот процес

„Процес“ е збор што раѓа конфузија ако сте тренер аматер за намалување на нивото на стрес и анксиозност како мене.

Но, процес значи да забележувате што правите и кога го правите тоа. Вашиот процес ви помага да го најдете времето и да ги автоматизирате задачите што треба да се завршат.

Ако немате процес, тогаш случајните животни проблеми ќе ви претставуваат препрека на патот на успехот на вашиот мал бизнис на страна што се обидувате да го изградите. Причината поради која ќе мора да најдете време е фактот дека на почетокот ќе заработувате пари на алтернативни начини.

Вашиот бизнис на страна нема да заработува пари некое време. Така што, ќе треба да создадете рамнотежа помеѓу работата што ве плаќа и работата поврзана со вашиот бизнис на страна. Вашиот процес ќе ја открие рамнотежата.

Мојот процес за бизнисот на страна започна како 90% платена работа, односно работење како комерцијалист, и 10% неплатена работа како блогер. Со текот на времето, рамнотежата се промени бидејќи приходите од втората работа беа доволни да ја откажам првата.

Започнете со процес. Рафинирајте го процесот. Продолжете да го забележувате процесот.

Малите елементи на вашиот процес, што мислите дека не се важни, се точките во кои се содржи целиот потенцијал за вашиот бизнис на страна.

„Обезбедувајте вредност однапред и за без пари“

Метју Бигинс ја напиша горната реченица во неговиот популарен есеј од 2018 год за бизнисите на страна, и беше во право. Бесплатното е најдобриот начин да изградите империја.

Наплаќањето пари премногу рано е грешка. Со тоа што целите кон совршенство во полето кое ви е од интерес, вие наталожувате доволно знаење за да создадете вредност.

Го мразам зборот „вредност“, влева конфузија.

Вредност = Содржина

Обезбедувате бесплатна вредност однапред преку постови на блогови, електронски книги, видеа, аудио емисии, постови на социјалните медиуми, бесплатни курсеви, илустрации или фотографии што ги правите и ги давате без да ви ги платат.

Оваа бесплатна помош што ја давате ги привлекува луѓето кон она што вие го правите како магнет. Ако работите бесплатно доволно долго време, ќе имате толку многу луѓе во вашиот внатрешен круг да ви го поддржат бизнисот на страна, што ќе останете со подотворена уста.

Бесплатната содржина води до империја.

Равенката за бизнис на страна е еднакво на империја

До сега веќе сте одлучиле во која област ќе целите и почнувате да ги правите првичните напори. Напорите водат до мемоментум, но тој се случува бавно. На почетокот на мојата кариера во банка се среќавав со стотици сопственици на бизниси. Никој од нив не успеа да го претвори страничниот бизнис во нешто значајно за помалку од една година.

Моментум х 5 години = империја

Работите доволно долго на вашиот бизнис на страна што на крајот моментумот доаѓа. Моментумот ви дозволува да видите што е возможно да направите со вашиот страничен бизнис. Откако еднаш ќе увидите што е возможно, тогаш се` станува возможно.

Бизнисот на страна се претвора во империја по пет или повеќе години. Длабоко во себе го знаете ова, но проблемот е што мислите дека работата на вашиот страничен бизнис ќе биде напорна во првите пет години. Всушност, првите пет години се најдобриот дел. Деновите поминати во работа во вашата домашна канцеларија и резултатите се прилично кул.

Пет години можеби делуваат како долго време но поминуваат прилично брзо. Зошто? Работата на вашиот бизнис на страна би требало да е забавна и напорна истовремено. Пет години пролетуваат. На крај, ќе бидете толку многу изгубени во вашиот бизнис на страна што повеќе нема ни да знаете што тоа значи. Вашиот страничен бизнис едноставно ќе стане дел од вашиот начин на живот. Ќе зафаќа дел од вашиот календар, исто како и вашето семејство или редовното вежбање.

Ќе има денови кога ќе сакате да ја удрите главата од ѕид

Мислевте дека бизнисот на страна е бајка на Дизни… Е па не е. Снежана нема да дојде да се бори со седумте џуџиња кои ве бркаат со палка.

Мојот пријател на работа се смее кога му го велам ова: „За секои 4 недели, една нема да чини. Јас се подготвувам за таа што нема да чини“.

Проблемите ќе си го најдат патот во вашиот страничен бизнис. Минатата година се соочив со еден водач на интернет тролови кој ги одбра да ги уништо моите профили на социјалните медиуми. Тоа беше ужасно време па дури и членовите на моето семејство не можеа да го гледаат тоа.

Она што го направи тој период малку полесен беше фактот што го очекував тоа. Не знаете како ќе изгледа лоша ситуација, но можете да се подготвите за неа. Затоа секогаш имам однапред подготвен план на игра за таа една недела од месецот што нема да чини.

Еве го планот: легнете си еден час порано; читајте ги книгите за Хари Потер; направете пауза од прегледување на сандачето на вашата електронска пошта; сетирајте го телефонот како да се патувате со авион; кажете им Не на сите состаноци; откажете ги задачите во календарот; во вистинското време во денот префрлете се во модус за решавање проблеми (тоа време за мене е 7 часот наутро, кога умот ми е свеж); не реагирајте на проблемот со лутина; очекувајте решение и почекајте додека не дојдете до вистинското. Како резултат на овие чекори не си ја удирам главата во ѕид. За среќа, главата ми е се` уште цела.

Страничните бизниси се полни со проблеми бидејќи го имаат потенцијалот да се претворат во бизниси. А бизнисот е живот полн проблеми за кои ве плаќаат да ги решите.

Проблемите се еднакви на пари. 

Фазата на империја

Кога еднаш ќе постигнете успех, станувате задоволни од самите себе. Вашиот забавен страничен бизнис може несакајќи да се претвори во кошмар од кој зависите за финансиска валидација.

Мојата фаза на империја започна кога сфатив дека раното пензионирање со мојата работа со половично работно време е опција. Тоа е мојата верзија на империја. Империјата е толку моќна што значењето на вредноста и парите се слеваат во еден алтернативен универзум што вие го окупирате.

Фазата на империјата е кога се осмелувате да наплатите пари. Велам „се осмелувате“ бидејќи повеќето се смртно преплашени да побараат да бидат платени. Понекогаш тие луѓе мислат дека се продаваат или дека е злобно да се заработат пари. Тие се излажани и погрешно научиле дека претприемништвото е зло.

Да, наплаќањето пари може да ве направи претприемач. Ако мислите дека етикетата „претприемач“ е зла тогаш не користете ја.

Како што вели Ајодеџи Авосика: „сите сме веќе претприемачи, само што имаме еден клиент“.

Етикетите го ограничуваат вашиот потенцијал.

„Наплаќањето пари“ наречето како сакате. Еве неколку етикети: „хонорарна работа“, „работа со половично работно време“, „предавање“, „обучување“, „мали бизниси“, „странични бизниси“, „тезга на пазар“, итн. Сите овие дејствија значат наплаќање пари.

Причината поради која создавате империја не е заработување многу пари. Жалам.

Империјата ќе ви обезбеди пари, да. Но вреди тоа што можете да го направите со парите од империјата што сте ја создале. Еве неколку идеи: купете си го времето назад, дајте им од вашите пари на луѓето што им се потребни; искористете ги парите да им помогнете на луѓето што ви помогнаа да ја изградите империјата; дадете отказ од вашата редовна работа и страничниот бизнис нека ви стане долгорочна обврска, станете исклучително човечко битие и направете мал чекор за човештвото.

Забрзајте ја фазата на империја

Сите бараат краток пат.

Понизност – потребни ви се луѓе за да создадете империја. Бидете доволно понизни и третирајте ги луѓето добро и побрзо ќе стигнете до целта.

Листа на меилови – тие ви помагаат да ја изградите империјата. Преку електронски пораки комуницирате со луѓето кои би можеле да добијат вредност од вашите вештини. Еве еден совет: само 25% од луѓето на вашата мејлинг листа го отвораат меилот што сте им го испратиле, а останатите 75% не ни гледаат каков емаил сте им пуштиле. Групните разговори имаат повисока стапка на ангажираност од страна на учесниците.

Дарежливост – никој не го сака циција.

Инвестирајте во себе – заработените пари повторно инвестирани во вашиот бизнис на страна се добар чекор. Парите што ги инвестирате во себе даваат уште поголеми плодови. Парите што ги заработувате инвестирајте ги во образование – книги, настани на кои можете да запознавате луѓе, основни онлајн курсеви што подлабоко третираат одредена тема, и обука од искусни ментори кои веќе го прават тоа што вие сакате да го направите. Научете како да го развивате сопствениот мозок бидејќи тој ќе ја види империјата пред вас.

Размислете за победите – се` уште не го правам ова во доволна мера. Ако сте оствариле голема победа, тогаш прославете го тоа остварување. Можеби ќе поминат години пред повторно да ви се случи истото. Славењето на победите ќе ви помогне да остварувате повеќе бидејќи искуство ве тера да станете зависни од чувството на остварување одредена цел.

Ја мразам идејата за бизнис бидејќи ги плаши повеќето луѓе и ги спречува да работат на остварување на нивните соништа. Затоа ги менувам етикетите и ве советувам да почнете со мал бизнис, не голем. Грандиозноста е за аматери. 

Не треба да трошите многу време на тоа што претставува бизнис. Веќе сте бизнис поради големиот број лични искуства, вештините кои сте ги совладале, една до три работи што сакате да ги правите. Пред некој ден, мојот бизнис на страна го опишав на LinkedIn на следниов начин: „Ова е се` што некогаш сум сакал да правам. Ако утре умрам, ќе умрам среќен поради ова што го правам“.

Започнете бизнис на страна и изградете ја вашата верзија на империјата.

Империјата е само превозно средство преку кое можете да го искористите вашиот потенцијал и да станете некој кој никогаш не сте замислувале дека можете да станете.

Извор: entrepreneurshandbook.co

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -