Женското претприемништво е неопходен двигател на економијата

Интервју со Жаклина Гештаковска Алексовска, експерт за родови прашања во рамки на ИМЕ програмата

Каква е вашата соработка со компаниите во сопствеништво на жени?

Најпрво честитки за Women in Adria Македонија, портал којшто веќе донесе нова свежина во медиумскиот простор и верувам дека ќе нуди поддршка и информации за сите компании, а особено за жените во бизнисот. Успешните бизниси споделуваат неколку заеднички карактеристики меѓу кои е информираноста, т.е.следење на современите текови во нивната дејност; информации за пазарот, за конкуренцијата, за новите технологии, а верувам дека Women in Adria Македонија ќе им овозможи на компаниите да бидат уште поинформирани, а што е особено важно за жените – преку искуствата на другите жени во бизнисот да ги развиваат своите компании и себе лично.

Женското претприемништво и жените во бизнисот се неопходни двигатели на економијата. Придонесот на жените во економијата е несомнен, но често пати тој не е доволно видлив. Од сите претпријатија во Македонија, 30% се во целосно или делумно сопствеништво на жени, но 99% од нив се микро или мали претпријатија. Тоа покажува дека голем дел од овие компании не го искористиле својот потенцијал за раст и развој.

Поддршката на ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact за жените во економијата е во рамките на секторите туризам и угостителство и зелена економија, и тоа на повеќе полиња: од поддршка на една група на женски компании во пред-акцелераторската програма на CEED Hub; преку развивање на коучинг за зголемена продажба за мали и средни претпријатија и обука на консултанти, развивање на Каталог за бизнис поддршка и поддршка на компании во пристап до финансии во соработка со Сојуз на стопански комори; консултантска поддршка на микро компании од страна на CMC сертифицирани консултанти и промоција на жените во бизнисот преку медиуми и женски здруженија.

IME програмата работи на зајакнување на бизнис-секторот во Македонија, на подобрување на квалитетот на производите и услугите што се нудат, на проширување на пазарите и создавање поволна средина во секторите туризам и угостителство и зелена економија.

Какви се искуствата на жените со кои соработувате?

Соработката со жените од бизнисот е она што најмногу ме мотивира и исполнува во мојата работа, бидејќи тоа се жени кои во проблемите наоѓаат можности, во ограничувањата гледаат како на нова шанса за надминување на себе и сопствените можности, а сето тоа безрезервно го споделуваат со другите и ги бодрат другите жени. Тоа се реализирани личности кои понекогаш едвај стигнуваат да го направат тоа што го зацртале и неуморно се борат со стереотипите и улогите коишто околината им ги наметнува, но тоа се едновремено и жени кои знаат да ја препознаат поддршката од својата непосредна околина и секоја од нив без исклучок, своите успеси ги спогледува како успеси на својот тим, своите вработени или колеги и своето семејство. Оваа нивна особина им дава ветер во едрата и ги води кон уште поголеми успеси. Затоа ми е особено мило што за нивните искуства и научени лекции можам да прочитам на WA Македонија  а со тоа и многу млади девојки и жени можат да се препознаат себеси во стравовите, но и во успесите на овие жени.

Што е Да се игра на големо (Playing Big) и како овој пристап им помага на жените во бизнисот?

“Да се игра на големо“ или Playing Big е методологија на Тара Софија Мор, која во себе содржи повеќе пристапи на личен развој наменет за жените претприемачки или жените воопшто. Жените се среќаваат со многубројни предизвици во животот од вообичаените обиди да ги балансираат деловниот и приватниот живот, стрес, недостаток на време, финансиски проблеми, здравје, проблеми во релациите со другите, одговорно мајчинство итн.  Но, заедно со сето тоа постои и предизвикот за којшто не се зборува – играње на мало – од наизглед безначајни ситуации на предавања на коишто не се осмелуваат да кренат рака и да го искажат своето мислење иако го имаат, или на работа каде имаат многу јасен став за планот на работење којшто е предмет на дискусија, но не кажуваат ништо; или не си дозволуваат да го согледаат и постигнат потенцијалот на својот бизнис. А кога ќе видат друга жена која се јавува, учествува и доаѓа до израз, се јавува интерен глас кој вели “Не се осмелувам така да зборувам, а како може таа?“ – како последица и се восхитуваат или се љубоморни. Тоа е она што често можеме да го слушнеме дека жените се критични една кон друга. Решение за секоја жена е да ги следи своите цели и да се осмели да игра на големо, да не се плаши да крене рака, да го каже своето мислење, да побара зголемување на платата или ново или подобро работно место, да започне свој бизнис или да донесе одлука да го зголеми како што од секогаш сакала, бизнис со којшто ќе заработува повеќе, а не само да го закрпува домашниот буџет. Накратко, жените треба да научат како е да се игра на големо, без страв дека ќе доживеат осуда на околината. Во Македонија, овој пристап веќе е дел од пре-акцелераторската програма на CEED Hub и верувам дека помага во посоодветна поддршка на жените кои имаат свој старт-ап. Исто така Инспирит Коучинг нуди неколкудневна работилница Автентично женско лидерство инспирирана од методологијата Да се игра на големо.

Споменавте коучинг за зголемена продажба. Какви се резултатите и како им помага на компаниите?

Коучинг е програма на консултантот Ристо Иванов кој обучи уште 8 искусни консултанти и веќе подолг период ја спроведуваат програмата. Коучинг за зголемена продажба е програма организирана во сесии со сопственичката/менаџерката на фирмата за анализа на бизнисот, примена на бизнис алатки за раст, поставување на 3-месечни бизнис цели и водство од искусен коуч за остварување на поставените цели. Очекувани резултати се: (1) Поголемо искористување н постојниот асортиманна производи/услуги преку подобрена промоција, продажба и испорака на  производите/услугите до старите и новите клиенти.(2) Поедноставно и попродуктивно менаџирање на капацитетот, продажните канали и клучните ресурси на фирмата. (3) Зголемување на продажбата и профитот во наредниот тримесечен период.

Искуствата од компаниите коишто применуваат коучинг се одлични, а резултатите ги изненадуваат и самите бизнис жени. Соработката со коуч им помага да спроведат ред во бизнисот, продажбата се зголемува, кај некои се прошируваат продажни канали, а кај некои се фокусира продажбата на најпрофитабилните продукти, кај некои преку нова призма се анализира бизнисот и тоа доведува до реални планирања за раст во следниот период. Она што е заедничко за сите кои ја пробаа оваа алатка е дека по процесот имаат поголема самодоверба да планираат и донесуваат одлуки за себе и својот бизнис, а истото го реализираат и честопати го надминуваат планираниот раст. Повеќе информации и контакти од коучи може да најдете на овој линк .

Поддршката на жените кои почнале свој бизнис, водат некоја компанија или како вработени можат да допринесат во успешноста на организациите е исклучително важна и верувам дека допрва ќе посведочиме на се поголем реализиран потенцијал на жените во бизнисот, а WА Македонија може да биде носител на оваа поддршка и генератор на одлични нови идеи и заеднички проекти.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -