ЕУ ја очекува тешка трговска битка со САД

Европските функционери и компании ги одбројуваат деновите до резултатите од претседателските избори во САД за да видат во која насока ќе се движи американската трговска политика, пишува Ал Џезеира.

Бидејќи винариите, производителите на бисквити и собирачите на маслинки завршија како „колатерална штета“, Европската Унија чека да види дали следните четири години ќе има повеќе царински војни како за време на републиканскиот претседател Доналд Трамп или ќе има поместување кон помалку воинствени преговори под неговиот демократски предизвикувач Џо Бајден.

Не е тајна дека европските функционери повеќе го поддржуваат Бајден, првенствено поради неговите намери да ги подобри транс-атланските односи. Но без разлика на тоа кој ќе победи, основните спорови што избија или во некои случаи само се влошија за време на Трамп, можеби нема да се решаваат ниту брзо ниту лесно, пренесува Бета.

Конкретно, европскиот напор да воведе дигитален данок на американските технолошки џинови како Goolge и Amazon, би можел да значи дополнителен спор без разлика кој живее во Белата куќа. Истото се случува и со спорот околу европската државна поддршка на производителот на авиони Airbus и американската поддршка на домашната компанија Boeing, кој потекнува далеку пред Трамп да стане претседател. Не треба ни да се заборави долгогодишната европска забрана за американско пилешко месо третирано со хлор.

Проблеми на двете страни

Чед П. Баун, виш соработник на Институтот Петерсон за меѓународна економија, вели дека и во пријателски времиња „има проблеми на двете страни, отсекогаш имало и секогаш ќе има. Таква е природата на трговијата, а работите мораат да се решаваат“.

Оваа ситуација е дополнително оптеретена со последиците по 16 милиони работници на двете страни, чии работни места зависат од прекуокеанската трговија. Царинската војна во последните четири години ги погоди компаниите и луѓето кои произведуваат и продаваат голем број различни производи.

Меѓу нив се и германските произведувачи на сладок бисквит, кои беа уништени со воведувањето на царината од страна на САД откако Светската трговска организација пресуди дека европските влади го прекршиле правилото за субвенционирање во случајот на Airbus. Германската кондиторска асоцијација вели дека погодените производители изгубиле 30 % од извозот само во првата половина од оваа година.

„Мали и средни, вообичаено семејни компании преку ноќ и поради сопствена кривица изгубија важен пазар што го изградија со голем напор и го одржуваа со децении,“ изјави Андреас Никениг, кој претседава со секторот за пекарски производи во кондиторската асоцијација.

Царини

Царините исто така го погодија француското, германското, шпанското и британското вино, како и џемот од малини и брусници од Франција и Германија.

Работите би можеле да ескалираат ако ЕУ наметне царини на американските производи во знак на одмазда поради даночните олеснувања што претходно Вашингтон му ги одобруваше на Boeing. Трамп зборуваше остро за вишокот во ЕУ во трговијата со САД, и изјави дека унијата е „полоша од Кина“ и дека „кон нас се однесува многу лошо“, со „неверојатни бариери“.

Некои набљудувачи искажаа надеж дека Бајден би можел да се откаже од тоа и да ја намали царината со која Трамп удри по европскиот челик и алуминиум, што пак ги налути Европјаните и другите сојузници, кажувајќи дека металот од ЕУ е „закана по државната сигурност на САД“. Тој негов чекор не само што им штети на европските производители, туку и го поскапува челикот на американските компании. Европа возврати со покачување на царината за моторите на американските производители, како и за бурбонот, путерот од кикирики и фармерките.

Клаудија Шмукер, експерт за трговија во Германскиот совет за надворешни работи, кажа дека „главниот знак на американската подготвеност за соработка со ЕУ“ би бил ако Бајден набрзо по доаѓањето на должност како претседател на САД ги објави неговите намери да ја укине царината на челикот и алуминиумот на Европската Унија, слично како кога една од првите поважни одлуки на Трамп беше да ја одземе Кина од американското отфрлање на трговскиот договор за Транспацифичко партнерство со азиските земји. Има надеж дека пристапот на Бајден ќе биде заснован на правилата на Светската трговска организација, која игра улога на меѓународен форум за решавање на трговски спорови.

„Вештачка трговска војна“

Но, аналитичарите предупредуваат дека тие кои гаат надеж можат да бидат разочарани: Бајден „ќе се сконцентрира на американските државни интереси и економското закрепнување на САД и нема да направи ништо што може да му наштети на тоа,“ вели Шмукер.

Советникот на Бајден за надворешна политика, Ентони Блинкен, изјави дека Бајден ќе ја заврши „вештачката трговска војна“ со Европа, бидејќи верува дека тоа би било нанесување сопствена рана што ја чини Америка работни места, но исто така рече и дека тој не би се двоумел да воведе царини ако странските конкуренти мамат и покрај договорот за трговија.

Една работа не е веројатна: сеопшт договор за слободна трговија меѓу САД и ЕУ под кој би се отстраниле царините и би се намалиле и другите бариери, како што се различните правила за сигурноста на производите. Администрацијата на Обама ги започна разговорите на оваа тема во 2013 година, но „Транс-атланското трговско и инвестициско партнерство“ беше дочекано со улични протести во европските градови, а Трамп се откажа од него од сопствени причини.

Дигиталниот данок на ЕУ што беше усвоен во 2019 год, кој за сега е суспендиран од Франција, претставува сложен предизвик без разлика на тоа кој е претседател, и покажува дека САД не се единствените кои се способни за еднострани потези. Барањето за таков европски данок го предводи францускиот претседател Емануел Макрон кој наговести дека ќе се откаже од тој данок само ако САД и другите земји се договорат за заеднички пристап во преговорите што се водат преку Организацијата за економска соработка и развој во Париз.

Питер Чејс, виш соработник на Германскиот маршалов фонд на САД во Брисел изјави дека „дигиталните прашања“ покажуваат дека „Европјаните сепак одат во насока која сигурно би ги влошила работите, дури и со новата администрација“ во Белата куќа.

Со оглед на огромните заемни инвестиции на двете страни, трговските односи можат да се споредат со повеќедецениски брак со деца: „ЕУ и САД се како брачен пар кој многу вложил во добри меѓусебни односи“, кажа Чејс.

„Во таа смисла, судено им е да останат заедно. Да, бракот може да се сочува, но прашањето е дали може да биде толку добар колку што бил некогаш,“ додава тој.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -