Емпатијата меѓу вработените е клучна за закрепнувањето по пандемијата

Со имплементацијата на програмите за вакцинација и намалувањето на рестриктивните мерки, голем број луѓе со нетрпение чекаат да се вратат кон некаков вид нормалност. Но, иако се враќаме назад во канцеларија и почнуваме да се среќаваме по кафулиња, сепак ефектите од Ковид-19 нема да исчезнат преку ноќ, пишува Лидија Смит, колумнист за Yahoo Finance.

За многумина, Ковид-19 беше првата „масовна траума“ во нивните животи, со исклучок на оние кои проживеале војна, глад и други кризи.

Речиси 2,9 милиони луѓе во светот починаа од последиците на коронавирусот, и таа бројка продолжува да се качува. Штетата на глобалната економија, губењето на работните места, социјалната изолација и емоционалната вознемиреност и страв предизвикаа хаос во нашите животи, предизвикувајќи симптоми на траума кај многу лица.

Бидејќи се гледа крајот на целосното затворање, работниците ќе треба да се справат со нови лични и професионални предизвици. И, бидејќи толку многу луѓе се соочени со тешкотии во надминување на ефектите од Ковид-19, емпатијата меѓу работниците е клучна.

„Емпатијата е важна бидејќи повеќето од нас се дојдени до точка на преоптовареност од постојаниот стрес минатата година,“ објаснува Шели Тречер, член на Советничкиот директорат, советник и психотерапевт.

„Емпатијата е потребна за да им помогне на работниците да се вратат на работа со грижа, за да повратат рамнотежа. Ова ќе ги охрабри најдобрите вработени, и ќе помогне бизнисот да се развива“.

Во чевлите на другиот

Едноставно кажано, емпатијата е способноста да се разбере и да се почувствува што другото лице искусува од негова референтна рамка. Станува збор за сослушување некој со цел да се разбере неговото искуство најдобро што можете, со тоа што вие ќе се поставите на негово место.

Историски гледано, покажувањето емпатија не е нешто што работодавачите го ставаат на врвот на нивната листа приоритети. Во 1970тите, економистот и добитник на Нобелова награда Милтон Фридман изјави дека целта на организацијата е единствено да остарува профит за нејзините акционери, со малку простор за општествена одговорност.

За среќа, се` повеќе и повеќе овој став за светот на бизнисот се смета за застарен. Во една скорашна анкета на 150 извршни директори, повеќе од 80% од испитаниците кажале дека ја сметаат емпатијата за клучен фактор за успех. Истражувањата покажуваат дека емпатичните лидери и работни средини влечат значајна корист. Не само што вработените соработуваат подобро, туку и емпатијата на работното место го зголемува задоволството од работата и го намалува стресот, што во крајна линија има позитивно влијание.

Глобална траума

И како што светот се справува со последиците од пандемијата, емпатијата на работа е уште поважна. „Никој не успеал да избега од стресот или траумата мината година. Сите сме афектирани директно или индиректно од смртта на блиски луѓе, страшни информации во вестите, стравот од фаќање на вирусот или од негово пренесување на други, граѓанското нетрпение, фокусот на одбојните предрасуди и злоупотреба, и продолжената изолација,“ објаснуваТречер.

„Тоа воведува анксиозност, стрес, депресија и очај одново и одново, цела година. Колективно, поминавме низ неколку циклуси на борба, односно бегство или вкочанетост, природниот одговор на телото кога е под закана“.

Особено за работниците, постои постојан страв од губиток на работата и животните услови. Тие што беа приморани да станат технолошки вишок се прашуваат дали воопшто ќе има работни места на кои ќе се вратат, додека пак клучните работници се соочуваат со премореност како резултат на долгите часови прекумерна работа. Дури и тие што се доволно среќни да работат од дома во текот на мината година искусиле осаменост и хроничен стрес, како резултат на тоа што не се во можност да се „исклучат“ од работата.

„Тоа предизвикува моќни чувства на анксиозност, вознемиреност и очај,“ додава Тречер. „Исто така, без џагорот во канцеларијата и одделувањето од домашниот живот, луѓето открија дека е особено лесно да се работи прекумерно. Така што, излегува дека сите најверојатно ќе бидеме преморени, под стрес, или нервозни уште долго време“.

Иако се` повеќе работодавачи ја препознаваат важноста на емпатијата, голем дел од нив не се справуваат со клучните проблеми поврзани со лоша добросостојба на работното место. Се` е во ред со закажувањето состаноци за да го надоместите минатото време со цел овозможување поддршка на работниците, но не е доволно едноставно да одвоите време и да зборувате со луѓето.

Потребни се освестени и емпатични работодавачи

Често пати, всушност и не слушаме што другите луѓе ни кажуваат. Понекогаш, толку сме зафатени со нашите сопствени мисли или грижи и не можеме соодветно да се сконцентрираме на некој друг. Така, лесно е да се промашат суптилните невербални сигнални што можат многу да ни кажат за емотивната состојба на другото лице. Неспособноста да се погледне човек во очи, стискањето на дланките или обесените рамена можат многу да кажат за психолошката состојба на поединецот.

Исто така е важно за работодавачите доволно да го познаваат нивниот персонал за да ги разберат индивидуалните потреби на секој до нив. Популарна модерна фраза посочува дека додека сите сме во истата бура, не сме сите во истиот чамец. Некои луѓе можеби се борат со приспособувањето кон работа на далечина, додека други можеби ја жалат смртта на сакано лице.

Ниту пак еден емпатичен менаџер во рамки на организацијата не е доволен. Целосната култура на бизнисот мора да биде вистински емпатична за да може да се почувствува добробитта. Без волјата да се справите со проблеми како што се неостварливи работни задолженија и притисокот да се биде постојано продуктивен, лошото ментално здравје меѓу работниците ќе продолжи да се зголемува.

„Работниците едноставно ќе престанат да функционираат добро. Телото е дизајнирано да се справува со таков стрес во мали испади. Но, постојано повторување на тој стрес за време на долг временски период и проблемите почнуваат да се појавуваат,“ потенцира Тречер. „Треба работодавачите да бидат емпатични, да охрабруваат и да бидат пример за грижа за себе, за да можеме ние да се развиваме повторно по пандемијата“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -