Данче Чакаровска Гроздановска: „Можеби гласот на жената не е доволно силен како на мажот, меѓутоа е исклучително моќен“

Данче Чакаровска Гроздановска е докажан адвокат, експерт за деловно, корпоративно и трудово право, и за постапки пред Европскиот суд за човекови права, со над 30-годишно искуство во областа на правото. Taa работи и како ментор во програмата на CEED Македонија, каде го пренесува сопственото искуство во бизнисот и правото на другите членови на програмата, и e предавач на темата “Правни аспекти во бизнисот”, која опфаќа разни прашања од деловното, корпоративното, трудовото и финансовото право. Исто така, е препорачан адвокат од повеќе амбасади на странски држави во земјава.

Нејзината адвокатска канцеларија е препорачана од повеќе меѓународните организации за право, како што се IFLR1000 и Benchmark Litigation, а е долгогодишен партнер на проектите на Светска Банка (Investing Across Borders и Doing Business) и консултант во проекти финансирани од Европската банка за обнова и развој.

Вашата веб-страница вели дека имате посебен пристап во односот со клиентите, што ве прави поинакви од останатите? Во што се состои тој пристап?

Посебниот пристап во однос на клиентите се состои во тоа што уште при основањето на Адвокатската канцеларија основната цел и визија ни беше да формираме канцеларија која ќе се заснова на вредности кои се поинакви од веќе воспоставените вредности, карактеристични за оваа професија. Ова подразбира целосна грижа и посветеност на клиентот, при што нашиот интерес е клиентот да ја постигне целта најбрзо, најефикасно и со најмалку трошоци да добие врвна професионална услуга. Сето ова подразбира дека секогаш се стремиме клиентите вонсудски да ги решаваат настанатите спорови, а доколку тоа не е можно, да се поведе судска постапка, а истата да заврши во најкраток можен рок и со што е можно помалку трошоци. Посебноста се состои и во тоа што имаме отворен и целосно транспарентен систем на работа со клиентите, на начин што тие се постојано информирани за преземените дејствија, со образложение зошто истото е преземено и кои се резултатите од истото. Достапни сме за клиентите во секое време и сме на располагање 24/7 за итни ситуации и целосно се трудиме да излеземе во пресрет на потребите на клиентите.

Ваша специјалност е токму деловното право? Зошто баш оваа област претставува ваш професионален предизвик?

Освен деловното право, наша специјалност е и корпоративно управување, а во поново време и работните односи, односно правната регулатива во делот на човечките ресурси. Причината поради која деловното право е наша специјалност е поради тоа што почетокот на 90-тите години, кога почнав со вршење на правната професија, беше период кога почна приватизацијата во државата, односно кога претпријатијата со општествен капитал се приватизираа, а и почна процесот на основање на приватни компании. Во овој период имаше голема потреба од овој вид на правни услуги. Тогаш беше зародишот на корпоративното управување, каде што се регулираа правата на акционерите (малцински и мнозински), правата на содружниците, начинот на одлучување во органите на управување, како и нивните права, обврски и одговорности. Од причина што ова претставуваше нова област во правото, веднаш почувствував дека доколку се зафатиме со работа во оваа област на правото, ќе бидеме едни од првите правници кои ја работат оваа област. Затоа денес, после 30 години работа во оваа област, апсолутно можеме да кажеме дека сме доајени во модерното трговското и корпоративното право.

На крајот, поради тоа што поголемиот период од животот ни е посветен на професионалниот ангажман, односно на работата, истиот е многу поквалитетен, кога се поминува во соработка со претприемачи, отколку со престапници на законот или физички лица. Ова е особено битно за жените, кои меѓу другото, мора да бидат, и да останат фокусирани на убавото и позитивното.

Преку ЦЕЕД Хаб обезбедувате правна помош за новоосновани старт-ап компании. Дали постои посебна правна регулатива за овој вид компании? Со кои предизвици најчесто се соочуваат младите претприемачи?

Преку ЦЕЕД Хабот обезбедуваме правна помош на новоосновани старт-ап компании, а преку ЦЕЕД Клубот на бизнис ангели даваме правни услуги и на бизнис ангелите, кои инвестираат во веќе постоечки друштва, а даваме услуги и на странски фондови кои инвестираат во домашни компании. Не постои посебна правна регулатива за старт-ап компаниите и начинот на нивното финансирање. Инвестирањето во старт-ап компаниите и уредувањето на односите помеѓу инвеститорите и постоечките содружници се уредува согласно постоечкиот Закон за трговските друштва. Неопходна е потребата од донесување на посебен закон, или во најмала рака, дополнување на постоечкиот Закон за трговските друштва, каде што ќе се регулираат овој вид на инвестиции. Потребата од олеснување на процедурата за полесен пристап до алтернативни извори на финансирање е неопходна. За посериозно раздвижување на економијата неопходно е паричните средства на граѓаните да се стават во функција на друштвата, односно на старт-ап компаниите, кои имаат потенцијал за работа и идеи, а немаат капитал.

Колкав е интересот за правни услуги во областа на индустриската сопственост, имајќи го предвид растечкиот број на старт-апи и сѐ поголемиот број патенти во последниве 3-4 години?

Заштитата на правата од индустриска сопственост бележи сериозен подем во последните неколку години. Расте свеста и културата на компаниите да го заштитат тоа што претставува нивна индустриска сопственост. С развојот на пазарната економија, а со самото тоа и со развојот на конкурентноста на пазарот, неопходна е потребата од заштита на индустриската сопственост. Мој совет е веднаш по основање на фирмата или создавањето на нов бренд, да се изврши заштита на трговската марка, бидејќи на тој начин, освен што се заштитува друштвото од злоупотреба на неговиот бренд, со самата заштита на брендот расте и неговата вредност. Истото се однесува и на заштитата на патенти, индустриски дизајни и ознаки за географско потекло.

Сте застапувале над 800 правни и физички лица пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Какво е искуството да се застапува предмет пред ова тело? Дали сте биле во искушение да се посветите исклучиво на заштитата на човековите права?

Точно е дека имаме голем број на предмети кои се водат пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Постапките пред ЕСЧП ни се омилени. Водење на овој вид на постапки бара посебна стручност и познавање на меѓународното право. Успешноста во споровите поведени пред ЕСЧП ни е скоро 100%. Во овие постапки не е можна импровизација – или ги знаеш или не, нема трето. Ако овие предмети се работат професионално, успехот е неизбежен. Најнов случај на добиен предмет пред ЕСЧП е околу прашањето дали исклучените корисници од системот за централно греење треба да плаќаат фиксен надоместок или не. Добиената пресуда од ЕСЧП, која е во корист на граѓаните, сериозно ја разбранува целокупната јавност, почнувајќи од засегнатите граѓани, преку судовите кои ги водеа овие постапки, па сѐ до државните институции кои преку подзаконски акти ја регулираа оваа (не)правна работа.

Социјалното претприемништво е „жешка тема“ периодов. Дали позитивните законски прописи доволно ја регулираат оваа област или потребно е законодавецот да направи повеќе?

Министерството за труд и социјална политика има изготвено нацрт-закон за социјално претприемништво уште во 2015 година, меѓутоа истиот сѐ уште не е донесен, па поради ова во овој момент не постои посебен закон кој ја регулира оваа област. Најблиску до социјално претприемништво во овој момент е законот за вработување на инвалидни лица и активните мерки кои ги објавува АВРМ, кои често имаат дополнителни услови од социјален аспект како на пример невработеност, возраст, итн. Донесувањето на овој закон дефинитивно би помогнало да се развие социјалното претприемништво, на начин што ќе предвидат мерки и олеснувања со кои би се поттикнале приватните фирми да вработуваат лица на кои им е потребна поддршка, помош или посебни услови при вработување, поради одредени материјални, социјални или животни потешкотии. Овде би требало да спаѓаат лицата без родители, лицата со инвалидност, корисниците на социјална парична помош, жртви на трговија со луѓе, лица со издржана казна затвор, лица со ХИВ, итн. Денес за овие лица е многу тешко да најдат работа, а со тоа и активно да се вклучат во општествениот живот. Поради ова, наше мислење е дека е потребно да се донесе законот за социјално претприемништво што поскоро.

Дали сметате дека жените претприемачи и менаџери заземаат заслужено место во нашето општество? Дали нивниот глас е доволно силен, и дали воопшто се слуша?

Женското претприемништво ми е исто така омилена тема на која сакам да зборувам. Вклучена сум во здруженија кои работат на развојот на женското претприемништво и сум активен поборник за женските права. Сметам дека жените сѐ уште не се доволно вклучени во претприемништвото, во органите на управување на компаниите, како и во органите на власта. Ова особено важи за градовите од внатрешноста. Охрабрува фактот дека во последните неколку години, бројот на жени активно вклучени во сите сегменти на општествениот живот се зголемува, и ова темпо треба да продолжи и во иднина. Можеби гласот на жената не е доволно силен како на мажот, меѓутоа е исклучително моќен.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -