Границите набргу ќе се отворат, домашните туристички работници треба добро да се подготват

Македонскиот туристички сектор мора да се прегрупира и да се подготви затоа што отворањето на границите е сè поблиску, а туристите веќе ги планираат своите одмори, порачаа учесниците на 5. Македонска туристичка берза што се одржа вчера во Скопје.

Според Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија (НАИТМ) која е организатор на Берзата, тоа што следи, треба да се искористи.

„Претходната, но и оваа година сите настани кои се организираат, а се поврзани со туризмот, за жал, имаат една порака – што побрзо да заврши кризата со пандемијата и полека да се вратиме во нормала,“ истакна министерот за економија Крешник Бектеши во обраќањето на настанот.

Министерот посочи дека со задоволство ја прифатил оваа иницијатива за организирање берза од страна на НАИТМ, бидејќи и покрај настанатата ситуација, традицијата да се соберат на едно место сите чинители на туристичкиот сектор, како што рече Бектеши, е за поздравување.

Има надеж за македонскиот туристички потенцијал

На настанот беше присутна и амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер. Таа истакна дека и покрај коронакризата сепак има голем ентузијазм за напредок на туристичката индустрија, и дека со промоција на секторот ќе ја задржиме државата на светската мапа на туризмот, пренесува МИА.

„Веруваме дека потенцијалот на туристичкиот сектор во Северна Македонија сè уште не е доволно искористен. Во текот на изминатите шест години соработувавме со тур-оператори, јавни институции и организации за деловна поддршка за натамошно подобрување на понудата, создавање поддржувачки екосистем за туризам и подобро промовирање на Северна Македонија како туристичка дестинација,“ рече амбасадорката Зутер.

Туристите веќе ги планираат одморите

Претседелот на НАИТМ, Влатко Сулев, во своето излагање потенцира дека петата Македонска туристичка берза е многу важна одлука зашто отворањето на границите е сè поблиску и дека туристите веќе ги планираат своите одмори.

„Токму во овој период го организираме овој настан – петтата Македонска туристичка берза, за да се охрабриме, да се прегрупираме и да се подготвиме, затоа што отворањето на границите е сè поблиску. Секојдневно добиваме сè повеќе информации дека туристите веќе ги планираат своите одмори ова лето и есен. Одморот е дел од животот, и има многу луѓе кои и покрај вирусот сакаат да искусат нешто ново, да откријат нови места, нови туристички дестинации. Да не се плашиме, бидејќи не сме сами. Тука се нашите пријатели од Швајцарската амбасада и нивните проекти SIPPO и IME што ни даваат огромна поддршка, не само материјална, туку и морална. Ние веќе работиме на идни проекти за доброто на сите чинители на дојдовниот туризам,“ изјави Сулев.

Асоцијацијата ја организара Петтата македонска туристичка берза со поддршка на Швајцарската амбасада преку програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и преку Швајцарската програма за поддршка на извозот (СИППО), на Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и развој на претпријатија, на Проектот за локална и за регионална конкурентност (ЛРЦП) и на Министерството за економија.

Извор: biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -