Германскиот концепт за продуктивност – модел за успех

Германскиот јазик е познат по неговите кованици. Тие искажуваат нешто што, на пример англискиот јазик не може да го дофати, како „шаденфројдe“ или чувство на задоволство поради нечија туѓа болка, „вандерлуст“ или желба за патување…но за да го воодушевите шефот на работа, постои едно конкретно својство што најдобро се искажува на германски јазик: нешто што тие го нарекуваат „зицфлајш“, пишува ББЦ.

Во буквален превод, „зицфлајш“ значи „месо што седи“, со други зборови, ова е израз за нечиј задник. Но овој германски збор има силни конотации во професионалниот свет, каде имплицира многу повеќе од само физичкиот дел од телото на кој седиме.

Значењето на „зицфлајш“

Да имате „зицфлајш“ значи да ја поседувате способноста да седите мирно долго време, како еден предуслов за вистинска продуктивност; изразот го содржи и значењето на некој ја има истрајноста и силата да работи во тешка ситуација и да го истера проектот до крај.

„Сум го сретнал преведен како „издржливост“, но мислам дека најдобро е да се каже дека значи дека имате „моќ за седење“, т.е. дека сте способни да седите на едно место прилично долго време,“ објаснува Пол Џојс, виш лектор за германски јазик на Универзитетот Портсмут, во Велика Британија.

Германскиот јазик е исто така познат по некогаш смешните и долги сложени зборови како Donaudampfschiffahrtsgesellschaftskapitän, што во превод значи „капетан на брод од дунавската компанија за парни бродови“ или Rindfleischetikettierungsüberwachungsaufgaben-übertragungsgesetz – „закон за делегирање на мониторингот при етикетирање на телешко месо“. Оваа пракса на составување долги зборови за да создадат нови со ново значење е вообичаено, а „зицфлајш“ е одличен пример како сложените зборови создаваат дополнително значење со едноставно поставување на еден до друг.

„Германскиот го кондензира значењето што би го создале седум или осум зборови на англиски јазик, во еден посебен збор,“ разјаснува Џојс. „Хуморот доаѓа од густината на зборот и фактот дека искажува нешто во таква една кондензирана форма до која никако не можеме да се приближиме (на англиски)“.

Кога некој ќе ви каже дека поседувате „зицфлајш“, тогаш тој ви упатил професионален комплимент: тоа значи дека тој верува дека сте способни да се фокусирате доволно долго за да завршите тежок проект или да завршите што и да е тоа што треба да биде завршено. Ако немате „зицфлајш“, тогаш тоа е особено евокативен начин на сугерирање дека сте можеби непостојани или неспособни да се концентрирате на едно нешто. На пример, не би било невообичаено да чуете постари лица како се жалат дека на неодговорните млади луѓе им недостасува зицфлајш бидејќи не можат да останат на едно место доволно долго време за да направат некакво постигнување.

Пасивна истрајност

Но ова не е единственото значење на зицфлајш: во одредени случаи, овој термин исто така може да значи и дека некој едноставно седи и чека тешката ситуација да се реши сама од себе. Во тоа сценарио, повторно станува збор за истрајност, но повеќе за истрајност во седење мадро отколку во поглед на завршување тешка работа.

„Кога некој ќе каже: „Ох, но тој има зицфлајш“, тоа обично значи дека е во тешка ситуацијата,“ вели Мартина Шафер, долгогодишен наставник во Гете институтот во Берлин, „и дека не е многу активен во обидувањето да го реши проблемот, па наместо тоа едноставно останува во таа положба на чекање и се надева дека проблемот самиот ќе се реши“.

Изразот често се користи во секојдневниот говор, како и во медиумите и формалната употреба на германскиот јазик, објаснува Шафер – значењето на овој термин што денотира чекање и седење често се користи во описите на германската канцеларка Ангела Меркел, која е позната по нејзината политичка воздржаност. „Ако известував за г-ѓа Меркел, би можела да кажам – „таа уште еднаш има зицфлајш,“ додава Шафер. Навистина, терминот се појавува голем број пати во написите за Меркел.

Зицфлајш исто така се користи за да се опише потребното трпение да се доседи на долг настан или претстава. Скорашен напис за најновиот „Ѕвездени војни“ вели дека филмот е долг 152 минути и дека „секако го предизвикува зицфлајш-от на просечниот посетител на кино“. Така што, како се негува оваа способност? Роберт Хоган, соработник во Друштвото за индустриска и организациона психологија во САД, вели дека првиот чекор е препознавање дека треба да работите на оваа способност прво и основно, и да имате желба да се подобрите.

„Зицфлајш“ во професионалниот свет

„Пред вработените да можат да работат на зголемување на нивната продуктивност, тие мораат да сфатат дека се непродуктивни,“ вели тој. „Ова може да дојде од повратните информации од менаџерите или колегите, а може да дојде и од соодветна психолошка проценка. Тогаш вработените кои се недоволно продуктивни треба да се грижат.“

Иако зицфлајш најчесто се смета за позитивна карактеристика, а недостатокот од истата како знак дека некој е професионално неподготвен, зборот поприма различни значења во работниот свет што станува сè пофлексибилен, кој повеќе не може да се дефинира преку работата од 9-до-5.

Зборот го „проширува неговиот опсег“ во оваа средина, вели Џојс. „Има позитивно значење, тој секако пренесува смисол за истрајност, доверливост, а не само скокање од едно место на друго,“ дополнува тој, „но исто така, зборот почнува да се преиспитува дали одговара на искуството на модерниот свет“.

Хоган сепак подвлекува дека навистина не е важно дали седите на биро во канцеларија или работите на далечина без некаков фиксен распоред, и покрај тоа можете да имате зицфлајш каде и да работите. „Луѓето кои се фокусирани и вредни ќе бидат фокусирани и вредни каде и да се“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -