Весна Кардалевска: „Со поголем фокус и целосна посветеност можам да го работам она од што ми потпевнува срцето“

Весна Кардалевска работи како обучувач и  сертифициран коуч за личен и организациски развој. Таа е динамична личност, со широк спектар интереси, и прилично разновидно образование. Има диполома за англиски јазик и книжевност, но психологијата отсекогаш била област во која гледала личен и професионал предизвик. Така таа одлучува професионалната улога на раководител да ја земни со улога на едукатор и помагач. Дознајте повеќе за неа во интервјуто што следи.

Зад себе имаш дваесет годишно искуство како успешен директор и менаџер на канцеларии, проекти, претставништва. Што беше пресудно да ја замениш оваа улога со улогата на коуч, обучувач, и ментор?

Па јас и во тоа „канцелариско опкружување“, во времето на раководење со тимови и организации, секогаш се однесував како некој го провоцира и поттикнува развојот на своите колеги. Им ги отворав вратите за знаењата и вештините со кои тие ќе стигнат до следното ниво. Работејќи на својот личен развој, сфатив дека улогата на поддржувач е вткаена во мојот систем на вредности и е дел мојата животна мисија и потоа одлуката дојде лесно.

Разликата е таа што на овој начин со поголем фокус и целосна посветеност можам да го работам она од што ми потпевнува срцето, а тоа е сјајот во очите на клиентот во кој се гледа  јасно поставената цел, гласот од кој се слуша јасната одлучност и предодреденост за промена или пак чувството дека клиентот допира до себеси и своите длабочини.

Кои пристапи најчесто ги користиш во својата работа со клиенти?

Би рекла дека пристапот е еден – а тој се состои од откривање на моменталната состојба и точната потреба на клиентот – без разлика дали клиентот е поединец, тим или компанија, потоа одредување на посакуваната состојба и промената до која клиентот сака да стигне, и договарање на патот кој ќе доведе до таа посакувана состојба и промена, преку практични чекори и акции. Е, во овој пристап користам алатки и техники стекнати во текот на моето формално и неформално образование и работно и животно искуство, и во државава и во странство. Тоа се бизнис и менаџерски техники, методи кои се темелат на невро -билогијата (neuroscience) и невро-лингвистиката, применетата и работната психологија, системските динамики, итн., кои делуваат на сите нивоа на човековото битисување – на физичкото, психолошкото и умственото.

Многумината од твоите клиенти се и жени претприемачи, сопственички на бизниси. За каква помош ти се обраќаат тие, со какви предизвици се соочуваат и како им помагаш да ги надминат истите?

Во однос на предизвиците, ќе почнам од опкружувањето кое, за жал, сe уште не ни е родово еднакво и како такво наметнува голем притисок врз жената, особено жената претприемач, во однос на постигнување на баланс меѓу бизнисот и семејството. Тука е потребата од зголемена самодоверба и подготвеноста за преземање на ризици, но и развивањето на вештини како што се управување со време и поставување приоритети, носење и спроведување на одлуки, комуникациски и презентациски вештини.

Во основа, сите овие вештини жената ги носи во себе – дел се од нашата женска природа и нашиот богат, женски свет. Токму затоа мојата задача се состои во тоа да поттикнам оснажување и освестување на жените  да посегнат по своите внатрешни ресурси и да ги интегрираат во секоја една улога за која се одлучиле – улогата на жена-претприемач, колешка, пријателка, но и улогата на мајка, сопруга, партнерка, ќерка, сестра.

Дали би сакале нешто да им порачате на Жените од Адриа?

Живееме во интересно и брзо време, во кое некако се наметнува верувањето дека постојано треба да се подобруваме, надградуваме и менуваме и да бидеме во тек со најновите случувања во светот. На несвесно ниво, сето ова ни испраќа порака дека не сме доволно добри и дека треба постојано да работиме на себе. Иако и јас самата ја заговарам идејата за постојан професионален и личен раст и развој, и гледање на животот како на процес кој постојано се менува, би сакала појдовната точка на секоја жена во овој процес да биде сознанието дека веќе е доволно добра и целосна – онаква каква што е, своја.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Стартап компаниите треба да научат да лобираат

Стартап фирми се` повеќе заглавуваат во некои строго регулирани индустрии, и крајно време е да почнат да ги сфаќаат тие одредби сериозно....
- Advertisment -