Верица Хаџи Василева-Марковска: „Се чувствувам комотно во светот на бизнисот во којшто главно доминираат мажите“

Верица Хаџи Василева-Марковска е добро познато име во светот на претприемништвото во нашата држава, но и пошироко. Има повеќе од 35-годишно искуство во различни проекти поврзани со консултанство, советодавни услуги, обезбедување обуки и тренинг, како и соработка со голем број државни институции. Таа е една од основачите и партнер во компанијата ААГ (Analysis and Advisory Group) – Групација за анализа и совети, која се занимава со советодавни услуги на различни бизнис теми на министерства, владини агенции и корпорации.

Нејзиното работно искуство го стекнува како партнер во Ernst & Young Southeast Europe каде е одговорна за советодавни трансакциски услуги за С. Македонија, Албанија и Косово. Таа исто така била и директорка на Агенцијата за приватизација. Понатаму, Хаџи Василева-Марковска е еден од основачите и првиот претседател на АмЧам Македонија. Оваа неуморна жена работела и како член на советот на Централна банка на Република С. Македонија во периодот од 2006 год до 2013 год. Таа е една од главните иницијатори за основањето на Институтот на директори на и член на неговиот одбор. Во моментов работи како претседател на Надгледниот одбор на Македонија Турист АД, сопственик на хотелите Холидеј Ин и Бест Вестрн во Скопје, а работела и како член на управувачкиот одбор на Пивара Скопје.

Нејзиното образование е исто толку впечатливо како и нејзината кариера. Таа е магистер на Економскиот факултет од Скопје, и дипломец на универзитетот Свинбурн од Австралија на катедрата за бизнис администрација. Работи и како лиценциран ревизор, евалуатор и медијатор на Република Северна Македонија.

Верица, имате повеќе од 35-годишно искуство во сферата на претприемништвото. Сте работеле како консултант, аналитичар, предавач на факултет, но и претприемач. Какво ви беше првичното искуство како жена во светот на големите играчи кои генерално се мажи?

Можам да кажам дека јас се чувствувам комотно во светот на бизнисот во којшто, како што посочивте, доминираат мажите. Тоа мое чувство доаѓа од тоа што обично имам што да кажам во меѓусебната комуникација и не се чувствувам само како набљудувач на збиднувањата, туку понекогаш чувствувам и дека можам да влијаам на некакви промени. Пријатно се чувствувам кога соработувам со жени во бизнисот и таму наоѓам многу компетенција, мудрост и моќно водство. Оти на жените им треба повеќе за да бидат успешни, да испливаат; мажите се обично природно поблиску до површината.

Вашата биографија  е импозантна. Ретко се гледа некој кој бил ангажиран на толку многу различни проекти: од партнер во AAG – Analysis and Advisory Group, во Ernst & Young Southeast Europe, директор на Агенција за приватизација, виш предавач на факултетот за економија и бизнис во Љубљана. Што ве тера да сте постојано во професионална авантура?

Некои работи едноставно се случуваат. Јас не сум активен трагач по таков тип на возбуда, иако ја сакам разновидноста.  Веројатно дека сум типичен проект менаџер: почнувам проект, го завршувам, па одам понатаму. Притоа работам со многу различни тимови и мојата мрежа на луѓе од сите области, возрасти и сите други диверзитети е прилично голема. Тоа го сметам за најголемо богатство. Но тоа бара постојано професионално оспособување, навлегување во различни теми и сфери, и тоа само по себе е интересно и исполнува.

Дали мислите дека постои разлика во пристапот на водење бизнис меѓу мажите и жените претприемачи? Кои се адутите на едните, а кои на другите?

Има обиди за истражувања за да се утврди дали постои разлика во управувачките стилови меѓу мажите и жените. Некои убедливи резултати за разликите и спецификите не постојат, но се согледува следнава тенденција: мажите се похрабри во влегување во нови потфати, имаат поголем апетит за ризик, додека жените се повимателни и обично се поаналитични при носењето одлуки, особено кога станува збор за инвестиции. И едното и другото има предности и недостатоци и затоа велиме дека е добро да има баланс и рамномерна застапеност во највисоките управувачки структури на друштвата и од двата пола. Жените имаат уште една карактеристика која е неопходна за добро водство, а тоа е емпатијата и емоционалната интелигенција, а со најновите сознанија на невронауката се покажува дека овие прашања се многу значајни. Покрај другите мои активности, јас сум и член на Институтот на директори на Северна Македонија (невладина асоцијација којашто беше активно поддржана од ИФЦ – Меѓународната финансиска корпорација) и ние сериозно се залагаме за рамномерна застапеност на мажите и жените во одборите на директори, надзорните одбори и другите управувачки тела. И тоа не од аспект на барање за еднаквост и правичност, туку од аспект на искористување на сите капацитети во друштвата, воведување диверзитет и креирање на атмосфера на набљудување на проблемите и можностите од различни перспективи и перцепции.

До неодамна, еден од вашите ангажмани беше менаџирање на М6 образовниот центар. Објаснете ни кои се предизвиците со кои се соочува М6? Дали услугите на неформалното образование во С. Македонија стануваат се повеќе важни во поглед на она професионална реализација на младите?

М6 едукативниот центар е институција којашто ги обединува напорите за давање на обуки и образование од највисоко ниво во земјата и регионот. Обуките коишто тука се спроведуваат согласно годишната програма се оценети како исклучително професионални, корисни, современи и единствени. Програмата се формира од страна на Одборот на старатели, којшто е составен од раководителите на секторите за човечки ресурси во повеќе наши големи друштва и банки и внимателно се бираат темите и предавачите. Тоа се најактуелните теми коишто во текот на годината се отвораат во најпознатите менаџмент форуми и списанија, како што Харвард Бизнис Ривју, Ди Економист, Фајненшл Тајмс и слични на нив. Да одговорам на вашето прашање: многу е тешко да се води овој бизнис. Побарувачката е слаба, а да се одговори на амбицијата да се биде одличен и да се спроведува единствена програма е скапа активност, затоа што треба добро да инвестираш за да ангажираш врвни предавачи (ние ги користиме главно регионалните) кои се многу барани насекаде. Образованието е трудо-интензивна активност и тука технологијата помага, но и одмага, затоа што корисниците на обуките сметаат дека многу од темите можат да ги покријат виртуелно, заборавајќи притоа дека живиот збор, живиот контакт и хемијата на заедничката активност е незаменлива. Што се однесува до младите, мислам дека тие веќе се свесни дека по завршувањето на формалните студии образованието само почнува, а не завршува и дека процесот на доживотно учење е далеку од тоа да биде само излижана флоскула. Ако сака младиот (или било кој) човек да се самооствари, континуираното учење станува основната норма за битисување во современиот свет.

Вие сте исто така и еден од основачите на АмЧам Македонија, односно стопанската комора на македонски и американски компании. Кои се резултатите од формирањето на овој ентитет до сега?

АмЧам Македонија е една многу убава асоцијација којашто дава различни услуги за своите членови. Нашето друштво ААГ е од почетокот членка во АмЧам и ние сме многу задоволни од нашето присуство наму. АмЧам обезбедува стандардни услуги на своите членки што таква асоцијација обично ги нуди, како што се артикулирање на гласот на бизнисот пред институциите, потоа расправи за различни актуелни теми од работењето, вмрежување, обуки, соработки со слични институции и бизниси и слично. Она што е најзначајно е дека АмЧам ги носи најдобрите практики од американските претпријатија и тие искуства се од најголема корист за домашните друштва.

Дали верувате дека жените се битен економски фактор за една држава, и колку прашањето за женско претприемништво е третирано кај нас?

Жените се половината од популацијата. Нивното активно користење не се наметнува како прашање на рамноправност, инклузивност или правичност. Нивното посуштествено вклучување се наметнува како прашање на соодветно користење на ресурсите во економијата. Државата вложува во образованието на жените, тоа треба потоа и да се врати назад во економијата. Ако ги погледнете демографските податоци (не само кај нас, туку и во Европа и САД), во текот на целиот (формален) образовен век на децата и младите, момчињата и девојките се еднакво распоредени. Во работната сила таа тендендија помалку или повеќе продолжува, а како се оди нагоре на скалата на управувачките структури одеднаш жените се сé поретки. А убедена сум дека жените имаат што да кажат и во високите управувачки структури и тука да ги донесат неопходните промени за подобар просперитет на економијата и општеството.

Дали постои реална потреба за формирање и функционирање на посилно женско претприемничко лоби тука? Што се би можеле да постигнат жените доколку делуваат обединето?

Апсолутно има потреба. Ова заради следново: ако не обрнуваш внимание на овие прашања, тие остануваат неодговорени. Ќе ви дадам само еден пример: На почетокот во деведесеттите години од минатиот век, по осамостојувањето на нашата држава, прашањето на учеството на жените во политиката се сметаше за неважно и никој не му обрнуваше внимание. Навистина другите работи беа поважни. Колку жени имаше во првиот Парламент од 130 члена? Четири! Кој изгуби со тоа? Жените или општеството? Така е и во бизнисот, и во претприемништвото, како најкреативното ткиво и извориштето на бизнисот­.

Кои се вашите препораки за младите девојки и жени кај нас?

Препорачувам да бидат свои, да инвестираат во себе, во своето знаење, оспособување, да ги развиваат своите вештини, и да соработуваат. И да се борат за постигнување на рамноправна позиција во општеството. Не заради себе, туку за да помагаат општеството да има прогрес. Но, да не ја забораваат фамилијата. Со добра организација жените можат и постинуваат сé што треба. Фамилијата е навистина најзначајната клетка на општеството и ако сакаме да креираме здраво и етичко општество, треба да почнеме од негување на фамилиите. Значи девојки, правете кариера, но не заборавете да креирате и семејство. Тоа го можете, а би било добро општеството да помогне малку. На тој начин ќе помогне многу!

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Над 15% пад на индустриското производство во месец јуни

Индустриското производство во јуни оваа година, во однос на истиот период лани, е намалено за 15,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за...
- Advertisment -