Брендот филигрански накит „МАМКА“ – бренд на татковината

Марија Милошевска е претприемач, уметник, истражувач, но и мајка, сопруга, пријателка со големо срце. За себе вели: „Свеста да се сретнеме себе си и да знаеме кои сме, е една од најопасните работи, која секој од нас може да ја направи во сопствениот живот. Откривањето на себеси и моментот на дефиниција која сум, секогаш ме води кон осознавањето на жената, природата и жицата со која се поврзани“.

Според нејзините истражувања, една од најчестите потреби за поседувањето на накитот, посебно филигранот, е фактот што служи како потсетник (reminder) за тоа кои сме, од каде доаѓаме и со кого се поврзуваме. Таа посочува дека токму љубовта кон филигранот ја довела  до ова што е таа денес: „Во исто време сум ѝ мајка, сопруга и основач на компанијата Oro workshop која постои од 2009 година. Производство и продажба на накит, уметнички инсталации, перформанси, обуки  за филигран и сл. се главно дел од моите активности“.

Минатиот месец, колекцијата МАМКА која ја развива во рамки на брендот „МАкедонска МушичКА-МАМКА”, инспириран од приказната за најстарото пишано сведоштво за потеклото на рибарската мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, освои награда доделена од BIG SEE, организација која опфаќа 21 земја од Југоисточна Европа и Балканот, со седиште во Љубљана. Наградата се однесува за најдобар моден дизајн за 2021 година (FASHION DESIGN AWARD WINNER 2021). Наградите доделени од организацијата BIG SEE придонесуваат за промоција на уникатни и оригинални креативни достигнувања од регионот на Југоисточна Европа. Целта на овие признанија е систематски да го истражуваат креативниот и деловниот потенцијал на овој регион и да ја изложат неговата совршеност во архитектурата, ентериерот, дрвото, туризмот, производот и модниот дизајн. Со освојување на награда, примателите имаат многу можности да постигнат меѓународно признавање на нивната работа, објаснува таа.

Марија е една од најкреативните членови на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери, чиј професионален пат и потрага по нови форми на израз преку филигранот никогаш не застанува.  Во продолжение се нејзините лични видувања за уметноста, накитот, општеството во кое живее и го развива бизнисот, идните планови…

Преживувањето како инспирација – концепт поткрепен со истражување

Инспирацијата за „МАМКА“ е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во современото живеење, како момент на постоење, од декоративен и практичен до уметничко- научен аспект.

Овој  бренд го истражува и претставува оживувањето на заборавените занаети и уметности преку разработување на приказната, носејќи ја од минатото во сегашноста. Пренесувањето на традицијата патува низ генерациите, и секоја генерација ја прифаќа во зависност од квалитетот на толкувањето на истата. Производите кои го носат името МАМКА се разни концептуално дизајнирани производи (и сувенири), односно, играчки за деца, маици, јастучници, торби, магнети итн. Првото е unisex мултифункционален производ со прилог упатство за користење. Второто е играчка за деца, која служи како алатка за учење за врзување врвки на патики. Tie the fly (врзи ја мушичката).

Културатакако начин на живот претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација.

Во таа насока, брендот „МАМКА” е современо осмислен концепт, кој претставува процес на „менаџирање на културата” преку новосоздадена уметничка продукција, чиј клучен дел е светото тројство -дизајнерот, корисникот и производството. Овој интердисциплинарен пристап на истражување и промовирање на две различни култури успева да се пренесе во современото живеење, најпрвин како елементарната потреба за живот, а потоа како визуелно – дизајнерски елемент кој ја истакнува важноста на културните и креативните индустрии во нашата земја и пошироко.

Моментално сум во фаза на производство на нови производи, наменети претежно за машката публика. Очекувам во иднина да се пронајдеме со некој бизнис ангел кој ќе ја препознае идејата и ќе соработуваме. 😊

Уметничко-концептуална промоција

Во моментов  подготвувам промоција за МАМКА, каде производите се рачно изработени од месинг и чисто сребро, во техника филигран и вештачки мушички. Планирам настанот да се одржи во втората половина од оваа година. Публиката ќе има можност да види филигрански накит, уметнички инсталации, проследени со фотографии и видео проекција, како ѝ истражувачки материјал за оваа тематика.

Брендот МАМКА е инспириран од рибарската култура. Во овие ритуали врската помеѓу инсектот (мушичката) и рибата е клучен,  без кои ни рибата, а ни луѓето не би биле преживеале на оваа планета.

Со купување на производите од брендот МАМКА-Macedonian fly, поддржувате домашни дизајнери и помали компании, но и се стекнувате со високо оригинален и квалитетен производ изработен по ваша желба и потреба.

Проблеми со извоз

Се почесто добивам нарачки од прекуокеански земји и предизвиците со кои се соочувам изминатиов период се околу извозот на полускапоцени метали, во мојот случај сребро. Би сакала овој процес да се одвива полесно отколку сега. Наидувам на препреки во процесот на доставување на сребрен накит од страна на институциите-поштите, кои не гарантираат за безбедноста и за испораката на предметот од сребро, односно воопшто не се нафаќаат на легална дистрибуција, стравувајќи дека предметот не би стасал до крајната дестинација.

Играчка за деца – „Врзи ја мушичката“

Брендирање на татковината

Поради ситуацијата со пандемијата сѐ што се одложи од минатата година, се надевам дека оваа година ќе се појави на виделина во физичка форма. 

Идејата за ваков  современ концепт на производи е всушност дел од мојата замислена стратегија за брендирање на татковината, односно креирање линија на сувенири и производи кои ја пренесуваат културата и влијаат во визуелното препознавање на атрибутите на нашата земја.

Сонувам за поголемо вреднување на занаетите кои се во изумирање. Тие се нашето најголемо материјално богатство и играат огромна улога во нашето културно наследство. Прво нешто што препознаваме кај другиот е симболот (везот) или костимот, нешто по што знаеме дека не сме (или сме) исти. Западните земји се насочени кон одржливоста и поддршката на старите занаети.  Без вештата рака во производството, производот не би бил уметност, туку индустрија.


Цртеж-Детал на инсталација/шапка: Емилија Лазаревска
Фото: Сергеј Сарчевски

Кружниот тек на културата кој не` враќа во системот на ZERO WASTE или нула отпад, на некој начин не` враќа во времето кога нашите баби плетеле со волница, а денес плетат со ленти од најлонски кеси. Затоа сметам дека поддршката пред сѐ на занаетчиите треба да биде на повисоко ниво, со цел одржување на вистинските квалитети и креирање политики за зачувување на животната средина, како и  развој на претприемништвото.

„Паметен“ дизајн за „паметни производи“

Но, светот оди напред и мора да го следиме тој чекор. Така денес има доста начини како да се искористи потенцијалот со кој располагаме, и тоа преку дигитализација и повторна инвенција, разни обуки и воведување на нови пракси. Треба само човек да има волја и порив да твори и да создава „паметни” производи во иднина. Мора да се има на ум дека следните дизајнерски практики се во насока на употреба на рециклирачки и биоразградливи материјали, со што отвораат нови перспективи на размислување и експериментирање на материјалите, кои на некој начин „пред време го дизајнираат производот”.

Сепак, сѐ поголемата свесност на луѓето за прекумерното консумирање и загадување на животната средина ја доведува индустријата во дигитализација, со што се заштедува простор и материјал, а за возврат клиентот добива производ скроен по мерка. 

Повеќе информации за работата на Марија можете да најдете на овој линк.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -