Ако го сакате денешниот успех ништо не одложувајте за утре

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени на Македонија

Која е Валентина Дисоска? Во колку улоги успешно се пронаоѓа?

Досега, за себе најчесто кажував дека јас сум борец, личност која поминала низ различни ситуации и не се плаши да се соочи со нови ситуации, личност која лесно излегува од зоната на комфорот и оди кон нови предизвици, но со целото стекнато искуство низ годините, сметам дека и ставовите и однесувањето на една личност се менуваат па така и за себе можам да кажам дека сум личност која базично, контролирано се движи кон остварување на своите високо поставени цели.

Ако говориме за моите улоги во животот, некои се постојани, некои се менливи, кон некои се стремам, а некои доаѓаат повремено заради одредена цел, и заминуваат, остануваат како стекнати искуства. Накратко моите улоги по редослед би биле вака: сопруга и мајка на два прекрасни тинејџери, по вокација сум Архитект, без ниту еден работен ден како архитект, веќе осумнаесет години претприемач и осум години претседателка на Здружението на бизнис жени. Секако овие функции не се праволиниски и тука влегуваат и многу други поголеми или помали улоги, членувања и позиции во други здруженија, организации и секојдневни општествени улоги.

Животниот пат Ве донел на едно место што само по себе носи предизвици, одговорност, многу нови познанства и искуства. Како успевате да го менаџирате секојдневнието?

Знаете, пред 8 години не постоеше Здружението на бизнис жени ниту пак некој кој може да ме води во процесот на неговото јакнење и растење. Така што попрво би кажала дека со работа и поставена цел стигнав до овде, отколку дека животот ме донел, јас не верувам дека без насочено дејствување може животот некаде да не однесе. Тој може да ни даде шанса, но до нас е да ја зграпчиме и да ја искористиме истата.

Животот секојдневно ми се состои од предизвици, одговорности, искуства и секако нови познанства. Работата со Здружението на бизнис жени за мене претставува како пловенје по немирни води, понекогаш и како пловенје по брзи води, но, сето тоа ми дава нова енергија, ги полни батериите и ме тера да се стремам кон повисоки цели. Реултатите кои ги добивам преку работата со Здружението ми претставуваат основен двигаел за да можам секојдневно да се справувам со секојдневните обврски.

Менаџирањето на времето за мене е основа на којашто се придржувам секојдневно и без исклучоци. Секојдневно имам многу обврски, тие почнуваат од утринските часови со фамилијата, па работата во фирма и здружението, и пак завршуваат со фамилијата.  Во текот на денот најважно е да сум посветена на работата, да сум фокусирана на тоа што го работам, да ги завршувам обврските до крај, да не оставам “за утре”, да не го губам времето на оние “мали разговори” што најчесто ни го трошат времето непотребно. Фокус и концентрација на работното место, тоа е она во кое што јас верувам и го практикувам.

Претседател сте на Асоцијацијата на Бизнис жени на Македонија. Колку членови брои и кои се нејзините активности?

Здружението брои околу 150 членови, во неколку региони во Макдонија, не само во Скопје и секојдневно расте и бројот на членки се зголемува. Работиме на повеќе теми и полиња истовремено, работиме со млади девојки и жени, со нив работиме на поттик и на препознавање на претприемништвото како основна определба во животот. Работиме со веќе постоечките компании и нивни сопственички, на разни теми потребни за развој на бизнисот, како на пример обуки на различни теми и менторски сесии, пристап до финансии, пристап до неповратни и повратни фондови, комуникација со банки и други средства на финансирање, како и споделување на информации за можностите што се нудат за развој на претприемништвото.

Како посебен дел од нашата работа би ја нагласила работата на Националната стратегија за развој на женското претприемништво што ја работиме во соработка со Министерството за економија, за којашто стратегија искрено се надевам дека наскоро ќе ја видиме како акт на којшто ке можеме да се потпреме и сите заедно да работиме.

Според Вашето искуство колку е развиено женското претприемништво во Македонија? Во кои бизнис сфери жените се снаоѓаат најдобро, а каде постои простор за подобрување?

Ако говориме за проценки и бројки, можам да кажам дека процентуално сме подобри од регионот на Југоисточна Европа, со процент на компаниии отворени од страна на жена. Но, компаниите спаѓаат во микро и мали компании, многу често самовработени, што ги нарекуваме нано компании и тоа е ситуација на компании што не се насочени кон раст и развој, што не се стремат кон голем обрт и голем профит, туку работат за да ја заработат основната плата и тука застануваат. Недостасува растот на компаниите, недостасува профитот и насоченоста на компаниите и сопственичките кон повеќе платени професии, како што се STEM, ИТ, и други високо профитабилни професии.


Што треба да поседува една жена за да стане лидер во бизнисот и колку жените во Македонија се подготвени да зачекорат на пошироката бизнис сцена?

За да се постигнат резултати во бизнисот како и во лидерските води треба пред се да се има мотивација и желба да се биде на таа позиција, тоа е одговорна позиција и за неа мора многу да се работи на себе и да се развиваат вештини што се неопходни за лидерска позиција. Таква позиција бара многу посветеност и жртва од личноста, како и многу работа на себе. Многу често лицата кои се лидери се осамени на врвот и треба да бидат свесни дека тоа треба да го прифатат како дел од својата работа. Личноста пред се треба да поседува комуникациски вештини со коишто ќе ги добие вистинските информации, а исто така и ќе знае да ги пласира информациите кои што сака да бидат споделени и при тоа да биде навистина слушната, да добива одговор на нејзините информации, да знае да делегира, да мотивира и да донесува креативни решенија. Сето тоа се квалитети и вештини што треба една жена да ги поседува за да зачекори на пошироката бизнис сцена.

Многу ме радува фактот што се повеќе жени се охрабруваат и тргнуваат да ги бијат вечните битки на кршење на стаклениот плафон и да ги завземаат лидерските позиции. Денешната жена е се повеќе свесна за својот потенцијал, работи на себе, се едуцира и се надоградува и при тоа не се плаши од претходно поставенните стереотипи.

Што најново подготвува Здружението на Бизнис жени на Македонија? Кои се ваши следни проекти?

Во Здружението имаме многу планирани активности за наредната година.  Имаме два големи проекти со наши партнерски организации, едниот е WE Contribute, со кој што ќе работиме на подобрувањето на политичката сцена во однос на женското претприемнишво, а другиот е WE Make, со тој проект ќе работиме со млади жени кои ќе ги едуцираме дека претприемништвото е добар избор за животна професија, да одбираат високопрофитабилни струки, како што се STEM и ИТ, ќе оформиме нови форми на здружувања и групирања, како што е платформа, кластер и уште многу други активности.

Секако се радуваме и за сорабоката со CEED клубот наменет за жени, ќе соработуваме и ќе работиме на развој на жените претприемачки, на нивно поврзување и секако на јакнење на бизнисите.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -